Димитров во Брисел: Позитивната одлука во октомври е заслужена и најдоброто решение за иднината на Северна Македонија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во рамки на посетата на Брисел денеска во Европската комисија оствари средба со комесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, на која било разговарано за последните внатрешно-политички случувања и постигнувањата во реформските области во земјата, во светло на евроинтегративната перспектива на Република Северна Македонија.

Министерот Димитров, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата ја реафирмирал посветеноста на европските вредности, изразувајќи уверување дека во октомври земјите-членки ќе ја препознаат и валидираат истата со позитивна одлука за почеток на пристапните преговори.

– Останува уште малку време до моментот кој ќе може да се смета не само за заеднички успех, туку испишување на историја со предзнак на иднина. Овде сум за да уверам дека позитивната одлука во октомври е заслужена и најдоброто решение за иднината на Северна Македонија, на регионот, но и во интерес на самата ЕУ, порачал Димитров, се вели во соопштението од МНР.

Од страна на еврокомесарот Хан било потенцирано дека земјата ги исполни очекувањата на тој план со што изгледите за добивање позитивна одлука за отпочнување пристапни преговори со ЕУ, се повеќе од реални.

Министерот Димитров, меѓу другото, му ја честиташе и номинацијата за новата функција на комесарот Хан во идната Европската комисија.

Во рамки на посета на Брисел, Димитров денеска оствари средба и со шефот на кабинетот на Претседателот на Европскиот совет, Пјотр Серафин.

Во контекст на евроинтеграциите се разговараше и на средбата со Пјотр Серафин, шеф на кабинетот на Доналд Туск, на која биле разменети мислења за процесот на донесување одлука на Советот на ЕУ во октомври и во таа прилика беа уште еднаш изнесени нашите очекувања за недвосмислено „да”.

По средбите  Димитров, како што информираат од МНР, треба да се обрати на приемот кој по повод на Денот на независноста, 8 Септември, го организираат дипломатско конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Брисел.

Посетата на Брисел продолжува утре со работна средба со амбасадорите на земјите-членки при Европската унија (КОРЕПЕР). Министерот ќе учествува и на настан организиран од страна на German Marshall Fund во Брисел посветен на патот на Република Северна Македонија кон европската и евро-атлантската интеграција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.