Димитров за претседател, Шекеринска и Пендаровски министри?

Никола Димитров да биде кандидат за претседател, Радмила Шекеринска да го заземе неговото место во Министерството за надворешни работи, Стево Пендаровски да се трансферира во Министерството за одбрана, а Оливер Спасовски да остане „прв полицаец“. Ова е една од варијантите за која се размислува во Социјалдемократскиот сојуз откако овие четворица истакнати претставници на власта искажаа амбиции да се кандидираат за шеф на државата, пишува „Независен“.

Стравувајќи од меѓусебни конфронтации, кои би се одразиле и врз резултатите од изборите, но и врз внатрешните односи во владејачката партија, на „Бихаќка“ тактизираат и бараат решение што би било прифатливо за сите потенцијални кандидати.

Во тој контекст се толкува и последната изјава на министерката за одбрана, која вели дека лично не верува оти две жени ќе влезат во трката за претседател. Ако се знае дека Гордана Силјановска е фаворит на опозицијата за нивен претседателски кандидат, „неверувањето“ на Шекеринска значи оти таа не планира да влезе во директен дуел со професорката по уставно право. Таа и пред неколку дена рече дека нема да се пријави на партискиот оглас за претседател, но остави можност некој друг да ја кандидира.

Огласот во СДСМ сѐ уште трае, а засега не се открива дали некој се пријавил. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев вчера уште еднаш повтори дека нема амбиции да се пресели во вилата на Водно. Иако за себе смета дека би бил идеален консензуален кандидат, но, сепак, како што вели, бил млад за таа функција. Премиерот, всушност, не ја затвори вратата за евентуална коалиција со ДУИ, имајќи предвид дека од Мала Речица порачаа дека нема да им бидат привезок на СДСМ. Заев додаде дека деновиве разговараат и со коалициските партнери, како и и со други партии во и надвор од парламентот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.