Димитров: Законите треба да стапуваат на сила и без потпис на претседателот

93

На третата јавна дебата посветена на четирите нацрт-амандмани на Уставот согласно Договорот од Преспа се отвори и прашањето за надминување на проблемот со непотпишувањето на Договорот од страна на претседателот Ѓорге Иванов, со што тој не е стапен во сила и се уште не е воведен во правниот систем, и како во иднина да се исклучат вакви ситуации. Академиците имаат различни размислувања како правно да се реши оваа уставна празнина.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, образложувајќи предлози кои беа веќе кажани во Собранието и на други дебати во делот на Преамбулата, рече дека треба да се предвиди член со кој ќе се предвиди доколку по втор пат донесен закон од Собранието претседателот на државата не го потпише, тој автоматски да биде прогласен и да стапи во сила.

– Тука има уште една нова сугестија што не се однесува на Договорот од Преспа. На пример, јас лично мислам дека уставотворците никогаш не предвиделе дека Македонија некогаш ќе има претседател кој нема да ја следи својата должност да потпише документ, закон, да го прогласи што двапати ќе помине во Собранието. Тоа Уставот го вели експлицитно, но ние денеска во Македонија имаме една таква ситуација. Законот за ратификација со Договорот со Грција помина двапати, но тој уште не е потпишан односно прогласен и врз основа на тоа не е објавен во Службен весник. Можеби треба тоа да се предвиди… да се смета дека потписот е даден кога втор пат ќе биде изгласан, предложи Димитров.

Македонскиот министер за надворешни работи и потписник на Договорот пред академиците истакна дека ние имаме најголем интерес да се заврши ова прашање, со кое, како што кажа “сакаме да го затвориме поглавјето на идентитетските прашања, НАТО и ЕУ”.

-Ве уверувам дека во овој процес влеговме со чист образ ставајќи го државниот интерес и интересот на идната генерација, гледајќи дека додека ние чекаме државите одат напред, се зачленуваат, процесите стануваат потешки и посложени, во регионот во последниве години имаме повторно натпревар на големите играчи во геополитичка смисла така што го немаме луксузот да чекаме некој друг ова да го реши или да се справи со ова, рече шефот на дипломатијата.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.