Димитровски: За да имаме чиста средина од отпадот кој се создава треба да произведуваме чиста енергија

На денешната трибина организирана од ВМРО-ДПМНЕ на тема „Политики за развој енергетскиот сектор“, свое обраќање имаше и проф. д-р Даме Димитровски, претседател на Комисија за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ кој се осврна на тоа кои се енергенсите со кои би можела Македонија да се развива, да создава енергија но и да се запази на загадувањето.

„Покрај оваа енергетска криза што ја видовме кај нас, во светот владееше и една криза на ресурси. Немаше достапни ресурси за производство на новите технологии, иако голем дел од јавноста сметаше дека брзо треба да се влезе во нови обновливи извори, ресурсите полупроводници, ресурсите за микроконтролери, ресурсите за батерии за електрични возила, за фотопанели ги снема од светот. Ние сметаме дека рударството не е главното решение за тоа како да ги наоѓаме ресурсите во иднината. Делумно треба да го помогнеме чистото рударство, да понудиме решенија во кои што ќе имаме рударење на квалитетни ресурси, но сметаме дека ова не е конечното решение за нашата животна средина и за нашата Македонија, затоа што со тоа ќе создадеме уште повеќе отпад и ќе создадеме нови депонии“, истакна Димитровски.

Тој додаде дека отпадот кој што се создава треба да се менаџира според таканаречената циркуларна економија каде од отпадот ќе се создаваат ресурси.

„Во овој проблем на создавањето на отпад ние гледаме и една опција таканаречена циркуларна економија во која што дел од отпадот кој што го создаваме ќе го искористиме како ресурс. Најголем дел од отпадот ќе ни стане ресурс за добивање на технологиите, од него ќе екстрахираме нови материјали за нови технологии и ќе направиме како држава листа на стратешки ресурси. Како што имаат и светските сили и ние ќе имаме листа на стратешки ресурси по кои што ќе се водиме и кои што ќе ги бараме за да се развиеме како држава“, потенцираше Димитровски и додаде:

„Дополнително сметам дека дел од отпадот ќе ни придонесе за создавање енергија и тоа чиста енергија, а не како ова што сега го гледаме палење на ѓубришта или палење на депонии. Сакаме од отпадот да добиеме биогас, сакаме од отпадот да добиеме биоетанол, сакаме од отпадот да добиеме гориво кое што е чисто и компатибилно со постојките за согорување коишто ги имаме денеска. Тоа дополнително ќе ни даде ресурси, ќе ни даде енергија и ќе ни даде можност овие млади и умни луѓе кои што ги имаме да имаат поле за иновации, да имаат поле за нови средства за високоплатени позиции на кои што ќе работат. Мислам дека тоа е еден добар начин и младите да ги донесеме во Македонија и Европа да ја донесеме во Македонија и да обезбедиме чиста животна средина“.