Димковски: Јасно се слуша дека Мојсовски му посочува на лицето да постапува согласно законот

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и сите институции во рамки на министерството и на Владата на Република Северна Македонија, работат транспарентно и се во комплетна функција на граѓаните, порача на денешната прес конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, во врска со објавената аудио снимка на порталот „Економски лидер“.

Димковски потенцираше дека јавноста е должна да ја знае вистината за разговорот кој денеска го објави порталот, додавајќи дека се работи за разговор помеѓу две лица, советникот од кабинетот на министерот Димковски Мојсовски и лице кое порталот не го обелоденува со име.

– Јасно се слуша дека советникот Мојсовски му посочува на лицето да постапува согласно законот и да не ги штити оние кои го кршеле законот во врска  со концесијата на Охридското езеро. Минатиот месец до нас стигна допис од Регионалниот центар за гранични работи „Запад“ , во кој се посочува дека постои отсуство на преземени активности од страна на Државниот инспекторат Охрид и Струга и на концесионерот на Охридското езеро „Летница –Белвица“, во делот на контролите за откривање и спречување на криминал.  Конкретно, центарот алармира дека токму концесионерот има вработени лица за стопански риболов кои се познати сторители на кривични дела како што се незаконски риболов и недозволена трговија со дрога. Овие лица го злоупотребиле стопанскиот риболов и со помош на необележани пловни објекти за стопански риболов учествуваат, помагаат и овозможуваат извршување на кривични дела, криумчарење на марихуана и риба преку сината граница на крајбрежјето на Охридско езеро“, изјави министерот Димковски.

Притоа, Димковски изјави дека посоченото лице во аудио снимката е директно задолжено и одговорно во име на Државниот инспекторат за земјоделство, а со тоа и за концедентот Република Северна Македонија, и согласно договорот за концесија, да го следи концесионерот да и презема соодветни мерки за почитување и исполнување на обврските од договорот.

– На многуте состаноци што ги одржавме во просториите на езерската полиција ми беше предочено дека ова лице не си ја врши својата должност, одбегнува да соработува со езерската полиција и три месеци воопшто не направил надзор на извршување на концесијата. Поради тоа дошло до низа прекршувања и казнени дела.Односно непочитување на договорот, а со тоа и нарушување на заштитата на рибите и водата, неконтролиран улов од риба и нелегален пренос на риба во соседна земја – изјави министерот Димковски.

За нерегуларностите на концесионерот на Охридското езеро, МЗШВ изминатиов период доби, многу поплаки и од граѓаните. МЗШВ соодветно реагираше до ДИЗ, Пазарен инпсекторат, Трудов инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство за да се извршат  итни инспекциски контроли на терен.