Димовски: Амандманите за Законот за јазици мора да се разгледуваат

Согласно Деловникот за работа на Собранието не може да се избегне разгледување на поднесените амандмани за Законот за јазиците, во трето читање, а ако тоа се случи тоа би било целосно погазување на Уставот и на уставниот поредок, изјави денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

– Тоа ќе е конечно згазување на функцијата на Собранието на Република Македонија. Мојот апел до претседателот на Собранието Талат Џафери е да размислува во правец дека токму тој ја има улогата да обезбеди функционирање на Собранието и низ демократски и правно издржана процедура да бидат акцептирани ставовите на различни сегменти од македонското општествено и политичко милје, рече Димовски.

Според него, намерата не е да запрат или да спречат решенија за подобро употреба на јазиците на помалите заедници.

– Амандманите се исклучиво врз основа на укажувањата на Иванов. Во Собранието не постои ниту функција ниту институција која на пратениците може да има забрани или да им ускрати право да поднесат амандмани, која што може да забрани или одземе право на Собранието да се произнесе за поднесените амандмани, истакна пратеникот на опозициската партија. Уставноста може да се оценува само на донесен закон, но Законот за јазиците не е се уште донесен, посочува Димовски.

Не одговори дали постои простор за политички договор, нешто за што отвори простор претседателот на Собранието Талат Џафери и кажа дека поднесувањето на 35.569 амандмани за Законот е со цел да ја разбуди свеста кај парламентарното мнозинството и Владата дека за овие прашања треба да биде постигнат општествен, а не само политички консензус.