Димовски: Бугарија го одби португалскиот предлог, во позадина се преговара нешто друго

Власта дополнително прави проблем со тоа што влезе во експликации, објаснување и позиционирање за португалскиот предлог. Тие беа сабајлето во Софија, попладнето во Скопје. Софија го одби предлогот и нема што понатаму, но штом продолжува активноста значи дека се преговара за нешто друго, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното гостување на „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.

Димовски потенцираше дека португалскиот предлог и не е веќе тајна и се знае во одредени дипломатски и новинарски кругови, но тој не е на маса.

-Штом продолжиле разговори со Софија, за нешто друго се зборува. Тука е целосното право на ВМРО-ДПМНЕ да бара информации. Не може најголемата пратеничка група во Собранието, најголемата политичка партија да не биде информирана. Тука лицемерието на демократичноста на власта. За вакви теми не може да се крие. Не може министерот за надворешни работи Бујар Османи да тврди дека се преговара за португалскиот предлог, кога Бугарија го одби истиот, истакна Димовски.

Тој додаде дека низ форма на некакво постоење на некаков португалски предлог, всушност се работи во позадина на нешто сосема различно

-ВМРО-ДПМНЕ има право да бара информација, а и на крајот на краиштатата целиот бугарски Парламент е информиран за сите чекори, како и претходно што беше грчкиот. Не може ниту еден премиер, ниту министер за надворешни работи, ниту претседател на држава да пледира дека имајќи ја таа функција го претставува целото политичко милје, нагласи Димовски.