Димовски: Дудуш да си поднесе неотповиклива оставка, а надлежните органи веднаш да го истражат и процесуираат случајот за насилство

Пуленот на премиерот Зоран Заев, градоначалникот на скопската општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, мора да си поднесе неотповиклива оставка, а надлежните органи веднаш да го истражат и процесуираат случајот за насилство, порача во саботата Димитар Димовски, член на Извршниот комитет на опоициската ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски посочи дека аудио снимката која беше во петокот вечерта емитувана преку повеќе портали, го покажува вистинското лице на власта за кое оцени дека е „криминално, насилничко и разуздано“.

„Вистинското лице на Власта на Заев можеше да се види и вчера кога медиумите пренесоа една скандалозна аудио снимка. Од таа аудио снимка произлегуваат сериозни индиции дека се работи за градоначалникот на СДСМ од Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој најпрво бесправно лишува од слобода, а потоа тепа и навредува граѓанин на Општина Шуто Оризари“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски посочи дека снимката се појавува во истиот ден кога градоначалникот на СДСМ и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беа на настан на кој изјавија дека ќе се грижат за редот и мирот во општината.

„По теркот на Заев и неговите блиски соработници од СДСМ редот и мирот отприлика изгледаат вака: човек, затворен во канцеларијата на градоначалникот на СДСМ, бесправно лишен од слобода, тепан, навредуван и тој и целото негово семејство.
Зоран Заев не само што толерира насилство, туку и го промовира и го заштитува, бидејќи неговите најверни кадри тоа го прават“, рече Димовски.

Оцени дека државата станува систем во кој најверните кадри на Заев тепаат граѓани по канцеларии, и се фалат дека тие се власта и никој не им може ништо. Тие благодарение на Заев се фалат дека се недопирливи.

„На Курто Дудуш силата му доаѓа токму од власта и блискоста со Заев. Поддршката на насилниците и криминалците од страна на Зоран Заев стимулира и произведува насилство и функционери кои се однесуваат како робовладетели и одлучуваат за животот и слободата на обичниот човек, обичниот граѓанин. Снимката покажува дека градоначалниците на Заев наместо да работат за граѓаните и за интересите на општините кои ги предводат, тие своите градоначалнички кабинети ги користат за матни зделки, но и за измачување и тепање на луѓе кои на некаков начин им се спротивставиле. Кадарот на Заев, градоначалникот на Шуто Оризари се фали дека нему никој ништо не му може, дека ниту луѓе со пари и моќ не може да му се спротивстават, а секој кој ќе му застане на патот и му се спротивстави или го тепа или го мести да си има работа со полицијата“, вели Димовски

Праша дали вакви се европските вредности за кои се залага Заев и дали тука станува збор за ткн „едно општество за сите“ кое се претворило во тендери за власта, а беда за сите граѓани.

„Насилството не е изолиран случај туку станува систем на однесување на Заев и неговите блиски соработници. Да потсетиме дека јавноста виде како градоначалникот на Општина Демир Хисар Марјанче Стојановски се закануваше на вработени во основно училиште дека ги следи и прислушкува и никој не го санкционира за тоа. Да потсетиме на поранешниот градоначалник од СДСМ на Ново Село Боро „Марлборо“ Стојчев кој беше фатен како шверцува цигари и доби смешна казна од судот за тоа. Да потсетиме на сообраќајката која ја предизвика заменик министерот за култура за која нема никаков епилог и редица други случаи кај што функционери на СДСМ беа во центарот на брутални скандали. Дали треба да биде убиен граѓанин во кабинет на градоначалник на СДСМ па органите на прогонот да преземат дејствија?“, додаде Димовски.

За него најзастрашувачки од ваквите случаи е молкот на кој принегнуваат премиерот Заев, министерот внатрешни работи Спасовски и јавното обвинителството и на главниот јавен обвинител Љубомир Јовески,

„Но застрашувачки е и молкот на сите оние таканаречени невладини организации за заштита на човековите права и слободи. ВМРО-ДПМНЕ бара премиерот Зоран Заев веднаш да се огради и да се извини за насилничкото однесување на својот пулен- градоначалникот Дудуш и да побара негова оставка. Во спротивно доколку не го направи тоа само ќе се потврди дека тој лично е промоторот и заштитникот на ова насилство во кое е лишен од слобода и претепан граѓанин во кабинетот на градоначалникот на власта“, истакна Димовски.

Му порача на градоначалникот на Шуто Оризари наместо да тврди дека има „некаква“ чест и углед кои наведно му се нарушени со споменатата аудио снимка, Курто Дудуш треба веднаш да си поднесе неотповиклива оставка,

„Насилството на власта на Заев го достигнува врвот, а достоинството го допира дното. Со ваква анти-народна и недемократска власт, Европа останува се подалеку со секој поминат ден. Доколку ваквите случаи останат неистражени и несанкционирани, вратата на Европа ќе ни остане уште долго време затворена“, заклучи Димовски.