Димовски ќе биде сменет за 20 дена, најави Ковачевски

Актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски ќе биде сменет од функцијата за најмногу 20 дена. Ова го најави премиерот Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има одговорност за директорот на АНБ за скандалот „Онишченко“.

– Во однос на раководењето на АНБ, за 20 дена ќе има нов директор – рече Ковачевски на прес-конференцијата на која ги претставуваше новите владини мерки за справување со енергетската и економска криза.

Директорот Димовски беше на распит пред собраниската комисија за да одговори зошто АНБ издала согласност да му се издаде македонски пасош на контроверзниот украински бизнисмен Онишченко, иако за него била издадена меѓународна потерница.

Да биде иронијата поголема, на Димовски му истекува мандатот како директор на АНБ, зашто е именуван за амбасадор на земјава во Франција. Нема информации дали ова назначување ќе биде отповикано.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.