Најдобро решение за државата е експертска Влада под итно

„Во ваков период во кој што се наоѓаме како држава и со толку слаб капацитет на управување кој што секојдневно го гледаме, мислам дека најдобро решение би било државата сериозно да размисли да се движи кон експертска Влада, која што би била составена најмалку од политичари“, појасни Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во централниот дневник на Сител телевизија.

Димовски додаде дека идејата на Заев беше некаква широка влада, и во овој момент и во следниот период ВМРО-ДПМНЕ не би прифатила да биде дел од влада во која што Зоран Заев би бил премиер.

Тоа би било непринципиелно заради тоа што, како што рече Димовски, Заев сите погрешни политики кои што можеше ги спроведе во државата.

„Гледаме дека нас системот не ни е функционален. Немаме образовен систем, немаме здравствен систем, нема министерство во кое што нема скандал, за култура да не зборуваме тоа би било премногу. Нема министер без афера. И значи нас ни треба рекомпонирање на извршниот сегмент од власта и сконцентрирање исклучиво на две сериозни теми, а тоа е здравствената криза бидејќи рушиме рекорди и за нас самите и во регионот, и Европа, и тука е и економската состојба која што благодарение на комплицираната здравствена криза се уште ние не ја гледаме. Денеска имаме податок дека индустриското производство ни е паднато за 12%, мислам дека се уште не сме свесни кон што може да отидеме во таа смисла“, рече Димовски.

Димовски посочи дека опозицијата си стои цврсто на своите ставови дека оваа Влада треба да падне.