Димовски: Ниеден пратеник не е избран за да го менува името

Илија Димовски на денешната седница појасни дека тврдењата дека пратениците треба да одлучуваат во име на граѓаните за ова прашање се отуѓување од реалноста бидејќи ниту еден пратеник во Собранието не е избран од граѓаните со таа цел.

Тврдењето дека за ова прашање треба ние пратениците да одлучуваме во име на граѓаните е отуѓување од реалноста. Ниту еден од нас 120 пратеници не го избраа за да го менува името на државата, рече Димовски.

Димовски додаде дека манипулациите кои ги прави СДСМ дека се менува референцата БЈРМ се несериозни бидејќи БЈРМ е привремена референца со која други нас ни се обраќаат, а додека Северна Македонија треба да биде трајно решение со кое ние ќе се обраќаме насекаде.

Претходно неговиот сопартиец Крсто Јовановски, исто така, порача дека нема да гласа за уставни измени

„Доволно е една мала искра да биде некој жигосан како предавник и недостоен да застапува интересите на граѓаните тука, да кажам дека нема да гласам за уставни измени зашто со спогодбата од Нивици не се согласувам“, изјави денеска од собраниската говорница пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на помирувањето, кое премиерот Зоран Заев го спомена вчера, Јовановски му порача да не ги турка пратениците да стиснат копче за кое на дале заклетва, бидејќи ниту премиерот, ниту лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, не се пратеници.

Димитар Стевананџија, исто така, од ВМРО-ДПМНЕ во реплика до својата колешка од СДСМ, Корубин, испровоциран од говорот на пратеничката за праша за кои граѓани вели дека се неписмени, оние кои бојкотираа или оние кои што гласаа против.

Кои се тие неписмени граѓани кои што ги спомнувате во вашиот говор? Дали неписмени граѓани според вас се оние кои што бојкотираа или оние кои гласаа против менување на името, рече пратеникот.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, се обрати до пратениците од другите партии и до премиерот Заев велејќи дека СДСМ е две години на власт во оваа држава и брише патос со македонскиот народ.

Затоа што многу зборувате за културата, уметноста нели и во врска со тие теми, јас ќе ја кажам мојата главна теза, а потоа ќе ја образложам, а Вие демантирајте ја посочувајќи кон Заев и пратениците на СДСМ. Никогаш последниве 50 години, пола век наназад немало потешка состојба во културата во Македонија, никогаш немало помалку проекти и никогаш културните работници во оваа држава не биле пропрогонети од што сега, нагласи Ѓорчев.

Посочи со примери за приведувањето на Владо Јовановски со што според него се повторува случајот со Ристо Шишков. Што мислите за Игор Дурловски за приведувањето за тероризам? Што мислите за Борис Дамовски, режисер?

Никогаш барем во последниве педесет години културните работници не биле под ваков удар, никогаш! Од апсења, малтретирање, и носење по судови за тероризам, нагласи Ѓорчев.

Пратеничката од опозицијата, Магдалена Манаскова, даде до знаење до владеачкото мнозинство дека е касно да се бара заедничка одговорност бидејќи процесот пред договорот требаше да биде процес во кој ќе бидат влкучени сите чинители од Македонија.

Ве слушам како велите дека ова треба да биде надпартиско прашање па тогаш се поставува прашањето зошто пред референдумот, додека се преговараше односно додека имаше некоја драфт верзија од договорот не ги вклучивте сите политички чинители истовремено и стручната и научна јавност во процесот туку сами го водевте процесот, нагласи Манаскова.

Додаде дека определувањето на културата на една нација треба да остане во доменот на научната фела, а не на политичката.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.