Димовски: Никој од УБК нема да остане на улица

Започнува со работа Агенцијата за национална безбедност, соопшти денеска деректорот на институцијата, Виктор Димовски, истакнувајќи дека сите капацитети на Агенцијата, согласно законот за нејзино основање и согласно внатрешните акти за оперативност, од денеска се ставени во полна функција.

– Денешниот ден е и историски ден. Денеска можеме и со право да кажеме дека завршува клучната фаза во реформата на безбедносниот сектор во нашата земја и дека Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни и групни интереси, конечно заминуваа во историјата. Велам злоупотребена, бидејќи во одредени периоди во минатото и посебно, за време на владеењето на претходната власт, граѓаните и земјата беа, на одреден начин, жртви на злоупотребата на капацитетите, ресурсите и еден дел од вработените во Управата. Од денеска започнува нова ера во оваа област. Агенцијата за национална безбедност е самостојна агенција, надвор од рамките на МВР, како дел од завршницата на реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Северна Македонија, нагласи Димовски.

Посочи дека Агенцијата во рамки на делокругот на своето работење ќе се посвети на имплементирањето и спроведувањето на реформите согласно европските безбедносни стандарди, со што како фактор на стабилност во регионот ќе даде придонес во севкупниот процес за интеграција на нашата земја во НАТО и ЕУ.

– Претходно, согласно препораките од Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе и согласно мерките во владините планови 3-6-9 и Планот 18 е формирана и Оперативно техничката агенција (ОТА) со што се разби монополот односно концентрацијата на моќта која досегашната УБК ја имаше на системот за следење на комуникациите. Тоа е гаранција дека веќе нема незаконско прислушување, наведе директорот на АНБ.

Рече дека она, што ја прави Агенцијата современа и во служба на граѓаните и интересите на државата е воспоставениот систем на парламентарна и граѓанска контрола на работењето на Агенција, истакнувајќи дека Агенцијата ќе биде постојано отворена за увид во нејзината работа и ќе ги почитува високите законски стандарди за таа цел.

– Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем се надополни со формирање на Телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување на одлуки, како и конкретни аспекти во врска со неговата работа кои се предвидуваат во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница, информираше Димовски.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.