Димовски побара од Димитров на седница на комисија да се разгледува нацрт документот за добрососедство со Бугарија

Многу граѓани преку пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сакаат да ги прашаат премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров што точно содржи најавениот договор за добрососедство со Бугарија, рече во вторникот пратеникот од оваа партија Илија Димовски и притоа побара на собраниската комисија за надворешни работи да биде разгледан нацртот на споменатиот документ.

„Би предложил заклучок којшто ќе треба да го донесе оваа комисија со што по ваша одлука дали на отворена или затворена седница на комисијата, комисијата би разгледала нацрт на овој документ. Со ова би биле во можност да го разгледаме тој нацрт договор пред да биде склучен. Верувајте дека има многу граѓани на Република Македонија коишто преку нас сакаат да ве прашаат вас и господинот Заев, на пример дали потпишувањето на тој договор ќе значи дека Илинденското востание е македонско или е бугарско востание или е заедничко“, рече во вторникот Димовски на седницата на парламената Комисија за надворешна политика.

„Јас би ве потсетил дека политиката за влез во НАТО не е нова и не е на оваа Влада туку тоа беше политика и на предходната Влада и ние исто така кажувавме дека Македонија има право на членство во ЕУ и НАТО со привремената референца“, нагласи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на Комисијата за надворешна политика на кој за досега сработенотот излагање даваше министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Димовски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи грешките во надворешната политика да се прикриваат со консензус на којшто се повикува министерот Димитров и дека ќе се залага да го има помеѓу политичките партии.

„Повикот до опозицијата е коректен, ние го прифаќаме, но нема да дозволиме тој повик за соработка во делот од надворешната политика да биде покритие за евентуални грешки за кои што ние укажуваме. Но тука вие ја водите играта и вие го водите чекорот. Доколку податете рака, ќе добиете рака. Доколку ја подавате раката само за да покриете некои одредени грешки во надворешната политика, тогаш извините, но ќе има проблем. Ние апсолутно ќе ве поддржиме на решавање на проблемите со нашите соседи, но тоа не смее да биде на штета на нашиот идентитет, уставното име и нашиот јазик“, додаде Димовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.