Димовски: Пописот не смее да биде политичка калкулација

Пратеникот Илија Димовски кој денеска ги објави забелешките на ВМРО – ДПМНЕ за предложениот текст на Законот за попис ѝ порача на власта дека пописот мора да биде статистичка операција, а не предмет на политички калкуации.

Тој истакна дека забелешките на ВМРО- ДПМНЕ немаат политичка конотација, туку се направени во соработка со стручни лица.

– Прво, за ВМРО-ДПМНЕ успешен попис ќе биде само попис кој што е целосно усогласен со стандардите на Европската Унија и со стандардите на Еуростат. Попис кој што би се одржувал по примерот на пописите кои што се одржуваат во сите членки на Европската Унија. Тој попис ќе биде усогласен и ефективен за Република Македонија и ќе даде податоци кој што ќе бидат од полза за планирањето на идниот развој на државата. За жал граѓаните, а и ние повторно имаме чувство дека пописот се користи за политички цели и е предмет на политички калкулации помеѓу партнерите во владејачкото мнозинство. Како пример, видовме дека тоа не е добро и не сакаме да дозволиме да биде предмет на политички калкулации – истакна Димовски и порача дека е подобро да се одложи пописот за 2021 година.

Тој објасни дека е многу важно да се дефинираат сите изрази и поими кои се употребуваат во законот, за да нема недоразбирања и различни токувања.

– Мора да се дефинира што е население, што е домаќинство, што е официјално место на живеење. Ако има дефиниции нема да има различни толкувања. Постои сериозна регулатива, огромен број на документи од Европската Унија и Еуростат и она што треба Република Македонија да направи е да ги вгради во законодавтството и да ги примени. И трета, принципиелна забелешка е дека пописот не смее и не треба да се разбере како страв или како радост на било која етничка заедница од можноста за добивање или губење на било какви граѓански права. Пописот мора да биде исклучиво статистичка операција кој што ќе помогне за понатамошниот развој на Република Македонија – рече Димовски.