5.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

Димовски: Поради мојата љубов кон Македонија четврта година сум предмет на политички прогон

Веќе четврта година сум предмет на политички прогон од страна на власта, заради моето политичко дејствување и мојата љубов кон Македонија. Деновиве слушам дека тој прогон ќе го прошират со трет, повторно монтиран кривичен предмет. И тоа не ме чуди, бидејќи власта има потреба да ги покрива криминалиите кои ги прави и неспособноста која е очигледна. Но, не можам да ги разберам институциите – полицијата, обвинителството и судството, кои наместо да ја гарантираат правдата, се ставени во функција на овој политички прогон и тортура. Толку ли не им е јасно дека доаѓа денот кога ќе одговараат за злоупотребата нивните службени овластувања?, прашува Димитар Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Како државен службеник, сум го работел она за кое сум бил платен од народот и сум ги штител интересите на државата, но и на граѓаните. Единствено тоа и сум го правел. Имам потпишано над 50.000 предмети и во ниту еден предмет не сум потпишал ништо што било спротивно на законите. По нивната логика, можат да ми пуштат 50.000 кривични пријави. Исто и на над 500 колеги кои ја работат истата проблематика. Ете затоа четири години е блокиран системот. Уплашени се и нив да не ги снајде мојата и судбината на уште неколкумина кои веќе сме обвинети. Во ниту еден процес покренат против мене, немам направено кривични или криминални дејства, ниту сум бил подложен на корупција, туку ме обвинуваат за работата која сум ја работел согласно со законите. Со овие измислени процеси, освен врз мене, се врши политички прогон и тортура и врз неколкумина колеги. Од тоа страдаат моето, но и нивните семејства. Последиците од стресовите ги чувствуваме сите и сериозно се одразуваат по здравјето на секој од нас, пишува тој на Фејсбук и додава:

Јас сум родител на две прекрасни, малолетни деца. Ги учам да бидат добри, вредни и чесни, а тие се гордеат со мене. За жал, и тие ја гледаат неправдата со која се соочувам, иако за цело време се трудам да ги држам на страна од овие случувања. Бидејќи еднаш ме однесоа од дома во 5 часот наутро, децата се уплашени дека тоа може повторно да се случи. Понекогаш се будат на среде ноќ, да проверат дали сум дома. Тоа е ефектот на тортурата која ја спроведуваат нарачателот и нему поданички настроените службеници од полиција, обвинителство и судство.

На крај, ако целта на овој политички прогон и оваа тортура е да ме замолчите, нема да замолчам. Напротив, до последен здив ќе се борам против вас, оти сте зло. Брзо ќе дојде денот кога ќе одговарате за сите неправди, но и за сите злодела и криминал кои ги правите. Ќе одговарате и за сиот детски плач на моите, но и на децата кои плачат по своите татковци и мајки кои ги обвинувате и судите неправедно. И за секоја солза пролеана од мојата и од сопругите на многумина кои се во иста ситуација како мене. Ќе одговарате и за сета болка и сите болести кои им ги нанесовте на нашите родители. Пред судот или пред Бога, ама ќе одговарате.

Ако ви е целта со измислени и монтирани процеси да го замајувате народот, нема да ви успее. На сите им е јасно што правите.

Нарачателу и извршители, нема да ве прашам каде ќе ви одат душите, оти души немате, одамна сте ги продале на злото. Ама, поколенија имате. Толку ли не помислувате дека тоа што им го правите на другите, еден ден може да ве стаса и вас или вашите најмили?