Димовски: Улогата на ВМРО-ДПМНЕ во процесите што следат ќе биде драстично позначајна, Заев е свесен дека не е способен

„Овој процес кој што го видовме овие неколку дена значи факторизација на ВМРО-ДПМНЕ. Практично премиерот кој што до пред една недела велеше дека има цврсто мнозинство, дека може сам да владее и така натака дојде во ситуација отвора материјални дискусии за закони од типот на градежништво, од типот на пензионирање со опозицијата. И од тој аспект мислам дека улогата на ВМРО-ДПМНЕ во процесите кои што ќе следат во следниот период ќе бидат драстично позначајни“, појасни Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во централниот дневник на Сител телевизија.

Димовски додаде дека ќе се зацврсти позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во давање на идеи, предлагање на закони, многу ќе важи сега гласот на оваа партија.

„Јас сум исклучително среќен што и партијата, и многу поединци кои што се вклучија во аргументирање на состојбата и од методолошки аспект и од здравствен аспект, успеавме да ја убедиме и власта и меѓународната заедница и сите релевантни фактори во државата дека пописот во овој период не може да се случи. Останува доволно голем простор од сега до септември да се разговара за методолошки работи и да се направи прецизна линија помеѓу тоа што се случува надвор од државата и што се случува внатре во државата. Нас прашањето кое што мора да го одговориме е принципот на попишување на резидентното население. Тој е принцип кој што го бара Еуростат и кој што за жал го немавме вклопено во сите процедури. Доколку нацртаме прецизна линија што е тоа резидентно население, а имаме доволно простор, има доволно простор да зборуваат доволно луѓе, има доволно простор и Собранието да ги разгледа тие прашања, ќе влеземе во еден попристоен момент“, рече Димовски.

Димовски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ имаше над 30-тина амандмани за пописот, а власта не ги прифати, но еве сега можност сите мани на законот да се исправат.