Димовски вели во АНБ да работат луѓе кои имаат конфликт на интереси

Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски во интервју за МИА нагласува дека основен приоритет е да се заврши реформата и да отпочнат со работа како релевантен безбедносен субјект, што ќе има капацитет да одговори на современите безбедносни предизвици и да се грижи за националната безбедност.

Пред за утре најавената работна посета на АНБ од страна на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, тој посочува дека определба на раководство е да имаат нов пристап, целосна отвореност кон јавноста, целосно транспарентни во однос на надлежните собраниски комисии.

Димовски говори и за забелешките во јавноста во однос на селекцијата на кадрите вработени во Агенцијата. Тој вели дека комисијата одржала 39 состаноци во изминатиот период и конечно ја усвоила листата со потребниот број вработени кои ги задоволуваат критериумите кои претходно биле утврдени.

Нема да дозволиме, истакнува, во Агенцијата да работат евентуално луѓе кои имаат конфликт на интереси, да има припадници кои не ги исполнуваат општите и посебните услови. Потенцира дека воделе сметка за законската обврска за правична застапеност, но и строго ги почитувале одредбите од членот 67 од Законот за кандидатите за вработување или на оние кои работеле во поранешната УБК со евентуално двојно државјанство.

Важно е да се напомене, подвлекува тој, дека ветингот на претставува чин, туку процес и за сите дополнителни сознајнија што ги имаме и за веќе селектирани кандидати, ќе бидат преиспитани во рамки на еден процес на проверка и ќе се раководиме врз основа на добиените резултати од тој процес на проверка.

Во оваа фаза, информира Димовски, направен е реветинг за веќе селектираните кандидати, меѓутоа тој процес во континуитет и периодично се обновува и се прават дополнителни проверки.

Секогаш кога ќе добиеме одредени дополнителни сознанија дека за кој било од вработените постојат одредени информации кои ги доведуваат во прашање општите и посебните услови од член 67 од Законот, секако дека тие дополнителни информации се испитуваат и во контекст на добиените сознанија се преземаат натамошни мерки, вели Димовски.

Агенцијата за национална безбедност функционира од 1 септември како самостоен орган. Ваша оценка за овој изминат период за поставеноста на Агенцијата ? 

Отпочнавме со работа на 1. септември  и официјално како нов безбедносен субјект во земјата. На тоа претходеше подолг процес на подготовки кои вклучуваше работа на две комисии, предвидени со Законот за Агенцијата за национална безбедност, а формирани од Владата. Првата комисија имаше обврска да ги подготви и да ги предложи трите базични акти за работа на Агенција. Тоа е уредбата за организација, правилникот за систематизација и одлуката за висината на плататите на вработените во новиот безбедносен субјект.

Ние оваа обврска ја завршивме благовремено во согласност со Законот и Владата во рамки на законски определениот рок ги донесе овие акти.

Втората комисија имаше малку посложена работа. Во период од 35 дена да го изврши процесот на селекција на вработени во поранешната Управата за безбедност и контраразузнавање, кои ќе бидат преземени во АНБ.

Овој процес вклучуваше најпрво проверка на веќе издадените безбедносни сертификати на вработените, потоа предвидуваше проверка во сите постојни евиденции во државата, вклучуваше за сите вработени кои се пријавија на јавниот повик да се реализира интервју со нив. Успеавме, со неколку дена задоцнување од законски предвидениот рок, да ја завршивме оваа работа. Финалето беше извршена селекција на најголемиот дел од оние кои ги исполнуваат условите. Со нив ја започнавме работата. Преостана помал број вработени за кои требаше да се направат дополнителни проверки. И за нив сето тоа се заврши и пред неколку дена комисијата ја донесе финалната одлука за конечниот број вработени кои ќе бидат преземени во АНБ. Веднаш после тоа следуваше и процес на останати административни процедури за формално преземање на овие вработени. И оваа постапка е при крај и ќе биде завршена до крајот на оваа недела.

Од првичните Ваши согледувања, ќе може ли да функционира Агенцијата вака како што е поставена?

Предлогот за организација и систематизација го правевме врз основа на претходно направени анализи и врз основа на искуствата на други слични институции во останати земји, со слична големина како нашата, меѓутоа и со истоветни стратешки ориентации, а тоа е да бидеме иден член на НАТО и да ги отпочнеме преговорите за членство во ЕУ.

Прашањето за селекцијата на кадарот остана дискутабилно, ветингот во МВР почна од поранешната УБК?

Деновиве сме сведоци на одредени реакции поврзани со одредени прашања со процесот на селекција.

Процесот на селекција го формираше комисија формирана од Владата во која членуваат претставници од МВР, меѓутоа членуваат и претставници на релевантниот полициски синдикат, како и двајца претставници од надлежната собраниска Комисија за контрола над работата на АНБ.

Комисијата одржа 39 состаноци во изминатиот период и конечно ја усвои листата со потребниот број вработени кои ги задоволуваат критериумите кои претходно беа утврдени.

Во однос на  дел од прашањата покренати во јавноста, првата забелешка беше за почитување на законската обврска за правична застапеност. Ние водевме сметка за ова прашање и при селекцијата применувајќи во одредени сегменти и позитивна дискриминација успеавме бројката на припадници на етничките заедници, која во претходниот период беше помала да биде зголемена за речиси 50 отсто. Да бидам попрецизен во претходниот период кога немаше во јавноста никакви забелешки ние кога дојдовме затекнавме бројка од 11,3 посто. На самиот почеток на работењето на Агенцијата оваа бројка ја подигнавме на 16,4 посто, што значи дека навистина имаме разбирање за оваа законска одредба, имаме волја да ја спроведеме и во наредниот период тоа да го направиме. Но, тоа ќе го направиме со прием на квалификувани кандидати кои немаат никакви забалешки во однос на критериумите за спроведување на ветингот и во тој контекст имаме намера да отвориме можност за прием на најдобрите студенти на универзитетите во државата без оглед на националната или етничката припадност во нашето работење.

Воопшто не држи забелешката дека во дека во процесот на селекција се примени кандидати со  двојно државјанство, што е спротивно на  одредбиде од членот 67 од Законот.  Во процесот на селекција се соочивме со ситуација еден број од порано вработените во УБК, кои работеле повеќе од 20 години во службата да имаат двојно државјанство. Законската одредба за нас беше целосно јасна и ние имавме волја оваа законска одредба да ја реализираме до крај.

Од друга страна дел од кандидатите кои беа со двојно државјанство не информираа дека отпочнале постапка за отпуст од второто државјанство. Имајќи го предвид тоа, комисијата едногласно донесе одлука за оваа категорија  кандидати да препорача на раководството на  АНБ откако евентуално ќе добие информација дека добиле отпуст од второто државјанство да ги има предвид како приоритети при евентуално идно вработување во Агенцијата.

За забелешката дека во рамки на процесот на селекција се избрани кандидати кои не ги исполнуваат општите и посебните услови во поглед на членот 67 од Законот, можам одговорно да кажам дека во моментот на одлучувањето, комисијата одлучуваше согласно информациите кои ги имаше во тој момент. Дополнително, после извршената селекција за дел од кандидатите дојдоа дополнителни сознанија и информации кои упатуваат на евентуална можност да не ги исполнуваат општите и посебните услови. Во однос на ова можам одговорно да кажам дека сите овие информации ги земаме предвид ги проверуваме и нема да дозволиме во Агенцијата да работат евентуално луѓе кои имаат конфликт на интереси, да имаат припадници кои не ги исполнуваат општите и посебните услови.

Важно е да се напомене дека ветингот на претставува чин, туку претставува процес и за сите дополнителни сознајнија што ги имаме и за веќе селектирани кандидати, ќе бидат преиспитани во рамки на еден процес на проверка и ќе се раководиме врз основа на добиените резултати од тој процес на проверка.

Во оваа фаза направен е реветинг за веќе селектираните кандидати, меѓутоа тој процес во континуитет и периодично се обновува и се прават дополнителни проверки. Секогаш кога ќе добиете одредени дополнителни сознанија дека за кој било од вработените постојат одредени информации кои ги доведуваат во прашање општите и посебните услови од член 67 од Законот, секако дека тие дополнителни информации се испитуваат и во контекст на добиените сознанија се преземаат натамошни мерки.

Работата на Агенцијата и реформскиот процес во кој сме влезени не зависи само од  директорот на АНБ и од комисијата која ја вршеше селекцијата, се работи за интерес на нашата држава, на нашето општество. Ако сакаме и имаме политичка волја овој процес да го реализираме до крај потребна е поддршка од сите, од позицијата и од опозицијата, и од медиумите и од невладиниот сектор. Ако имаме јасна политичка волја и јасна определба да ги исполниме критериумите за европска и евроатлантска интеграција, сите треба да го дадеме нашиот придонес во оваа насока.

Кои се Вашите приоритети и идните чекори за ефикасно работење на АНБ?

Основен приоритет да се заврши реформата и да воспоставиме и да отпочнеме со работа како релевантен безбедносен субјект, што ќе биде капацитиран да одговори на современите безбедносни предизвици и да се грижи за националната безбедност. Во овој контекст ние сме на пат да преземеме уште неколку активности кои ни претстојат. Пред се треба и формално да го решиме прашањето за идно седиште на АНБ. Согласно определбата на оваа Влада, Агенцијата треба да функционира одвоено од МВР, а ние и физички ќе се одвоиме, а Владата веќе донесе одлука и додели одреден административен простор. Нашите планови се  раководството на Агенцијата и дел од вработните до крајот на оваа календарска година да почне да функционира  во новите простории. Реконструкцијата ќе продолжи и некаде во средината на идната година целосно сите вработени да функционираат во новото седиште на Агенцијата.

Го завршуваме процесот на селекција. Ќе треба да ги вложиме сите напори и да видиме како новиот безбедносен субјект ќе профункционира согласно новите линии на работа согласно актот за организација и систематизација.

Реформскиот процес не застанува, треба да работиме на натамошно кадровско обновување и освежување на службите и во тие рамки да ги отвориме вратите за најдобрите студенти од универзитетите во државата.

Како и во која насока ќе тече соработката со Оперативно техничката агенција (ОТА)?

Во рамки на овој краток временски период од започнувањето на функционирањето на Агенцијата имавме неколку работни состаноци со раководството на ОТА и можам да го искажам моето задоволство од досегашната соработка. Треба да се има предвид дека ние и ОТА имаме одредени надлежности, меѓутоа во доменот на примената на посебните истражни мерки согласно новата законска регулатива, клучна улога имаат другите институции, а тоа е Јавното обвинителство и Врховниот суд. (МИА)