Димовски: Живееме како да немаме држава, потребна е нова влада

Поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во утринската емисија Утро со Златев на Радио Лидер, вели дека во оваа година живееме како да немаме држава, сметајќи дека на ваков нефункционален систем потребно е формирање на експертска влада во која ќе бидат вклучени најпаметните.

-Ние во оваа година дена живееме како да немаме држава. Немаме образовен систем, се сеќавате пред година ипол дека требаше да функционира една национална платформа за онлајн образование, уште не е профункционирана, ама тендерот е поделен. Пред 13 месеци влеговме во оваа корона криза. Што во овие 13 месеци државата направи за да го подобри здравствениот систем, дали има набавено едно возило за брза помош освен онаа чудна донација во Струмица. Дали во Велес медицинските установи добија едно ново возило за брза помош? Не. Дали добија нова апаратура во овие 13 месеци? Не добија. Дали лековите се поевтини? Не поскапи се. Дали граѓаните можат да најдат брзи тестови за корона? Не скапи се тестовите по 2.000, 2.500 денари. Значи во 13 месеци одговорна власт, одговорно министерство за здравство ќе направеше репрограмирање, ќе направеше концепт, ќе потрошеше парите, а не да се фалиме дека сме потрошиле само 7 милиони евра од предвидени 30 милиони за тој сегмент и ќе обезбедеше подобрување на оној здравствен капацитет кој што го има, рече Димовски.

-Од тој аспект ние имаме тотален нефункционален систем, во државата. Тоа е доволна причина да дојдеме до ситуација во која што Македонија ќе има друга влада, тоа е финална линија по која што треба да се движат линија во овој период. На крајот на краиштата и самата изјава на Заев пред месец дена кога побара некакво вклучување на опозицијата во извршната власт, кажува самиот кажува дека е потребна нова влада во државата и јас мислам дека ни е потребна нова влада и би бил најсреќен доколку низ овие разговори и преговори дојдеме до ситуација да државата добие експертска влада. Во моментот треба да ги искористиме капацитетите на најпаметните. Има доста професори, има доста членови на академија, членови на бизнис заедницата, успешни македонци надвор од Македонија и мислам дека треба да се состави експертска влада, секако премиер на таа влада не треба да биде ниту фронтмен од СДСМ, аналогно на тоа не би требало да биде фронтменот на опозиција, смета Димовски.