Дино Имери ќе настапи в четврток во Филхармонија

Оркестарот на Филхармонијата в четврток ќе одржи концерт со наслов „И тело и душа“, на кој како солист ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери.

Со оркестарот ќе диригира Јерухам Шаровски од Израел, а на програмата се дела од Бетовен – Концертот за пијано и оркестар бр. 5 во С-дур и Симфонијата бр. 7 во А-дур, оп. 92.

Концертот за пијано и оркестар бр. 5 во С-дур од Лудвиг ван Бетовен е еден од најсовршените и најчесто изведувани дела на светската музичката сцена. Создаден е во периодот меѓу 1809 и 1811 година во Виена и претставува соврешен премин од класицизам во романтизам сублимирајќи ги придобивките од двете музички епохи. Симфонијата број 7 во А-дур оп. 92 од Бетовен премиерно била изведена во Виена на 8 декември 1813 година. Самиот композитор сметал дека оваа е неговата најсовршена симфонија, а критиката ја оценува како едно од мелодиски најбогатите симфониски дела во неговиот опус. Симфонијата претставува апотеоза на танцот или, како што рекол Вагнер, „ако некој ја слуша седмата симфонија, без разлика што е – клупа, чаша, баба, бебе во лулка, ќе почне да игра“.

Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова, проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на ФМУ во Скопје со кум лауде), како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрира на 22-годишна возраст со просек 10 и со почести лум лауде. Во својата досегашна дејност Имери остварил многубројни настапи во Македонија, но и во странство.

Дино Имери е вбројан во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг-листата на Третиот eвропски пијано-натпревар одржан во Нормандија, Франција.

Во 1990 година Јерухам Шаровски ќе биде избран од славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“ кога ќе ја добие и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешна СССР, која за него ќе биде значајна во кариерата, во 1991 година станува уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски овој оркестар ќе стане еден од најпопуларните симфонски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. За време на својата кариера маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 земји.

Билетите се веќе достапни и може да се резервираат на тел: 02/3238 182 и да се купат онлајн на www. filharmonija.mk