Дипломати на Русија со шинско возило ја напуштија Северна Кореја

Пандемијата ги затвори границите, па така руските дипломати мораа да се снајдат како знаат и умеат и од затворената Северна Кореја си заминаа самите туркајќи шинско возило.

Северна Кореја и онака важеше за строго затворена земја, а со пандемијата нејзините граници уште повеќе се затворија и влегувањето и излегувањето станаа речиси невозможни.

Тоа најдобро го почувствуваа осуммина руски дипломати кои заедно со своите семејства требаше од Пјонгјанг да се вратат во родната Русија, која, патем, граничи со Северна Кореја.

Руското министерство за надворешни работи објави слики и видео како дипломатите ја минуваат границата на реката Тумен по чиј мост морале самите да буткаат шинска кола натоварена со куферите и нивните деца.

Дипломатите немале помош, од Пјонгјанг само биле испратени и им бил покажан патот, па самите да се снаоѓаат. Првин 32 часа со воз, а потоа уште два часа со автобус до граница и на крај најважниот дел од рутата, преминувањето на руска страна пеш. Со таа цел требало однапред да се направи превозното средство, да се постави на шини, да се разместат работите, да се стават децата и да се тргне, велат од МНР на РФ.

Конструкцијата ја туркале на шините повеќе од еден километар, меѓу другото и преку мостот на реката Туманаја. Колегите од претставништвото на Министерството за надворешни работи во Владивосток ги пречекаа дипломатите на руска територија.

Подоцна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков го прокоментира начинот на кој дипломатите се вратија од Северна Кореја. „Дипломатската служба е во суштина трнлива и комплицирана, а само се чини дека е елегантна“, изјави тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.