Дипломатите скептични дека ќе може да се постигне и основниот договор меѓу Брисел и Лондон

Постигнувањето на најосновниот договор за идните односи меѓу Европската унија и Велика Британија ќе биде комплексно и не може да се исклучи и ткн „тврд брегзит“ на 31-ви декември, кога завршува транзицискиот период, велат дипломатски извори за Reuters.

Обединетото Кралство ја напушта Европската унија на 31-ви јануари, по што ќе настапи транзицискиот период во кој европската регулатива останува на сила во Велика Британија, а кој треба да заврши на 31.12.2020 година.

Основниот договор би вклучувал спогодба за слободната трговија, договор за зачувување на регулативите кои овозможиле праведен трговски натпревар, како и структура на управување што би овозможила односот подоцна да се прошири. Лондон и Брисел ќе ги започнат преговорите за воспоставување на идните односи следните седмици, а британскиот премиер Борис Џонсон инсистира дека нема да бара продолжување на транзицискиот период.

Договорот за идните односи би требало да биде постигнат до средината на октомври, за да остане доволно време договрот да се преведе на 23-те јазици во ЕУ, како и за ратификација во националните парламенти, доколку тоа биде потребно.

Високорангиран дипломат рекол за Reuters дека очекува слаб напредок во преговорите меѓу Европската комисија и тимот на Лондон во февруари.

„Вообичаено во ЕУ работите не се придвижуваат додека не дојде до вистинска криза“, рекол неименуван дипломат.

Негови колеги рекле дека договорот би требало да вклучува спогодби за воздухопловството, транспортот и рибарството. Истакнале дека во толку кусо време може да се склучи само „најосновниот“ договор, а оти ЕУ не сака да го повтори ткн „швајцарско сценарио“. Имено, со Швајцарија Еу има повеќе од 100 билатерални договори.

„Идејата е да имаме еден договор до крајот на 2020 година, кој би имал управувачка структура, и би бил отворен за дополнителни спогодби“, рекол неименуван дипломат од ЕУ.

Брисел стравува дека Велика Британија надвор од ЕУ ќе ги ослаби европските компании со намалување на цената на трудот, со ослабување на регулативата за заштита на природната средина или со субвенционирање на одредени индустрии. Тоа во ЕУ сакаат да го спречат со основање заедничка комисија, која би ја разгледувал промената на британската регулатива, доколку се менува европската.

Агенцијата за надзор на финансиските услуги на Велика Британија, пак, им порача на финансиските компании да се подготват за можен „тврд брегзит“.

„Компаниите мора да осигураат да бидат подготвени за различни можни сцњенарија на крајот од 2020 година“, реле Наусикаа Делфас од споменатата британска Агенција.

Лондон мора да донесе одлука дали финансиските компании со седишта во ЕУ ќе имаат еднаков пристап до британските инвеститори, како и британските компании.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.