Дипломатски скандал: Полскиот амбасадор се сретнал со унгарски екстремисти кои заговараат поделба на Украина

Полската амбасада во Будимпешта се најде во фокусот на голем дипломатски скандал, откако амбасадорот Себастијан Кенчек и шефицата на политичко-економскиот оддел во дипломатската мисија во понеделникот се сретнале со Ласло Тороцкаи, челникот на унгарската екстремна десница која заговара поделба на Украина.

Средбата предизвика големи контроверзии во самата Полска во врска со неодамнешен скандал кој го предизвикал Тороцкаи, по што бројни полски пратеници побараа итно сменување на амбасадорот во Будимпешта како и одговорност од функционерите во министерството за надворешни работи на Полска којашто е најголемиот европски политички и воен поддржувач на Украина во нејзината војна против Русија.

Унгарскиот политичар предизвика скандал кога ѝ го честиташе Денот на независноста на Полска.

„Господ да ја благослови Полска! Да се сретнеме повторно на заедничката полско-унгарска граница!“, напиша Торцкаи на Twitter а објавата беше придружена со фотографија од преминот Ужоцка, каде полскиот и унгарскиот граничар се ракуваат. Фотографијата е направена кога историската област Закарпатие (Транскарпатија) е анектирана од Унгарија во 1939 година.

Односите меѓу Унгарија и Украина се влошени откако по превратот во 2014 година во Киев беа укинати правата, вклучително и за користење на јазикот како службен во западниот украински регион Закарпатие каде што живеат околу 150.000 етнички Унгарци. Киев особено ја разгневи Будимпешта кога во 2017 година го воведе законот со кој во училиштата се забранува користењето на јазиците на малцинствата, вклучително и унгарскиот.

Денеска на ова место е полско-украинската граница, па објавата предизвика контроверзии и остра реакција на портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олех Николенко.

 

 

 

Тороцкаи со месеци наназад заговара ревизионистички ставови во однос на границите на Унгарија со другите земји, поради што во последните години неколкупати му беше забранет влез во Словачка, Романија и Србија.

„На 5-ти декември, на покана од амбасадорот Себастијан Канчек, испратена до сите членови на новосоздадената група за унгарско-полско пријателство во рамките на унгарскиот парламент, во полската амбасада во Будимпешта присуствуваа 13 пратеници. На средбата учествуваа членови на повеќе партии. Меѓу нив и двајца претставници на партијата Наша татковина, потпретседателот на групата Давид Докс и Ласло Тороцкаи“, објави полската амбасада.

Последните месеци зачестени се тврдења за наводна заинтересираност на Варшава за враќање на одредени украински територии порано области од Полска, коишто како и од Унгарија и од Романија биле освоени во текот на различните конфликти по формирањето на СССР во 1922 година.

Така, неодамна директорот на руската Служба за надворешно разузнавање Сергеј Наришкин, во интервју за агенцијата РИА изјави дека Варшава ги забрзува подготовките за анексија на западноукраински области – Л’вов, Ивано-Франковск и поголем дел од Тернополската област. Според него, полското водство има цел да преземе упорна иницијатива стравувајќи дека постарите партнери во НАТО ќе се обидат да преговараат со Москва во текот на зимските месеци и намалување на интензитетот на борбите во Украина, кои нема да одат во прилог само на интересите на Киев, туку и на Варшава.

Претходно седмицава рускиот претседател Владимир Путин рече дека „националистички групи“ во Полска „дремат и ја гледаат“ можноста да заземат западни територии од Украина, кои на земјата ѝ припаднале по Втората светска војна.