Директор и раководител на јавно претпријатие од Крушево добија кривични пријави

Полицијата поднесе кривични пријави против Н.И.(39) од Крушево, в.д. директор на Јавното претпријатие „Комуна“ во Крушево и П.Н.(55) од Крушево, раководител на oддел во истото претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“.

Пријавените, во периодот од втората половина на 2018 година до 2020 година свесно пропуштиле преземање службени дејствија, односно не изготвиле соодветни документи за прием на 10 тони – еуродизел гориво во магацинот на јавното претпријатие. Исто така, не биле извршени требувања за издаден материјал од магацинот со кои се евидентира потрошувачката на гориво и со тоа предизвикале штета од 7.080 литри еуродизел. Н.И. постапил спротивно на законот и со отуѓување на работна машина – трактор ИМТ 539 без донесена Одлука за размена, отуѓување или расходување на основно средство за работа и со тоа го оштетил претпријатието за 400 евра, информираат од полицијата.

Двете лица добија кривични пријави.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.