Директорката и примабалерина позитивни на коронавирус, 80 вработени во МОБ се во изолација

Уметничката директорка на Балетот Олга Панго и примабалерината Александра Мијалкова се позитивни на ковид-19, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Националната опера и балет (НОБ) – досегашната Македонска опера и балет (МОБ),Васо Ристов.

Поради контактите со нив, деновиве ќе се тестираат и уметничката директорка на Операта, Бисера Чадловска како и уште двајца колеги од маркетинг и од техничка служба, а откажан е најавениот гала-балетски концерт за на 30 октомври.

-Директорката Панго ни изјави дека и таа и примабалерината се тестирале самоиницијативно и во приватни лаборатории откако два дена имале температура од 37.2 степени. Панго вели дека за време на пробите во салите и низ цел театар се почитувани сите заштитни мерки против зараза од ковид-19 и сите постојано носеле маски. Откако ги добила резултатите, Панго на нејзина инцијатива, без да биде исконтактирана од здравствените служби, ги испратила во самоизолација сите 80 колеги кои биле вклучени во пробите за концертот, пишува порталот.

„Добри сме и јас и примабалерината Мијалкова. Не знам од каде сме заразени, на работните места се почитуваа сите протоколи“, вели Панго.

Панго и Ристов потенцираат дека за осум месеци ова е прв случај на ковид-19 во најголемата културна институција во земјата, а досега имаа и премиера на Охридско лето и уште неколку настани во Скопје.

Генералниот директор Ристов додава дека Оркестарот продолжува со тековни проби деновиве, а дополнително ќе се објави нов термин за концертот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.