Директорката Сервини: Дезинформација е дека во Софија бевме со наши ученици

Групата млади од Македонија кои беа во дводневна посета на Софија, Бугарија, на покана на фондацијата „Бугарска меморија“, не се ученици од битолското техничко училиште, реагира директорката Жанета Сервини.

„Категорично ги отфрламе дезинформациите за присуство на ученици од техничкото училиште од Битола во Бугарија. Во Софија бевме отидени јас и заменикот директор Здравковски Љупчо за да воспоставиме Еразмус + соработка со училишта во Софија, како што впрочем е и практиката на сите други училишта. Со дадената непроверена информација направена е шпекулација со која е нарушен нашиот углед и угледот на училиштето“, се вели во реакцијата на Сервини.

Од фондацијата „Бугарска меморија“, претходно соопштија дека студенти од Македонија, истомисленици на членовите на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола, биле во дводневна посета на Софија, а заедно со студентите пристигнале и Жанета Сервини и Љубчо Здравковски – директор и заменик директор на техничкото училиште „Ѓорги Наумов“, Битола. По ова, дел од медиумите објавија дека се работи за ученици од истото училиште од кое доаѓаат директорката и нејзиниот заменик.