Директорот на банкротираната берза за крипто валути „Еф-те-екс“, обвинет за измами вредни неколку милијарди долари

Сем Банкман-Фрид, озлогласениот поранешен извршен директор на берзата за крипто валути „Еф-те-екс“ (FTX) синоќа беше обвинет по низа федерални прекршоци за измама, поврзано со ставање во заблуда на инвеститори и трошење на милијарди долари добиени од неговите клиенти за сопствени потреби.

Тој беше задржан од властите додека се наоѓал во својата вила на Бахамите, каде што живее, изјава јавниот обвинител на островската земја.

Федерална голема порота од САД го товари Банкман-Фрид по осум кривични дела, од злоупотреба со трансфер на пари до прекршување на закони за финансирање изборни кампањи, се дознава од тужбата објавена денеска од јужниот округ на Њујорк.

Банкман-Фрид, исто така, е обвинет за користење пари од клиенти за неговиот приватен хеџ фонд за криптовалути и употреба на нивниот капитал „да прави непознати инвестиции, да купува раскошни недвижности и да прави големи политички спонзорства“.

-Тој изгради кула од карти на темели на измама, а истовремено им велел на инвеститорите дека тоа е едно од најбезбедните градби за крипто“, изјави Гари Генслер, раководител на Комисијата за хартии од вредност и берзи (СЕК).

Банкман-Фрид сега се соочува со барање за екстрадиција во САД. Според познавачите, тој може да ја оспори, па се очекува процес за реализација на екстрадицијата пред да започне судењето.

Дел од американските медиуми јавуваат дека покрај раскошната вила, тој поседувал хотели на Бахамите со кои управувале неговите родители.