Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Мајк Помпео негираше во неделата каква и да е вмешаност на агенцијата во протестите кои изминатата седмица го потресуваа Иран одговарајќи на обвинувањата на иранските функционери, но истовремено предупреди дека тие нема да сопрат и покрај тоа што последните три дена немаше протести.
„Тоа не е вистина. Тоа беше иранскиот народ. Тие ги осмислиле протестите, ги започнаа, продолжија, за да бараат подобри животни услови и да прекинат со теократскиот режим под кој живеат од 1979 година“, изјави директорот на ЦИА, Мајк Помпео во разговорот за телевизијата Fox News.
Иранскиот главен обвинител Мухамед Џафар Мотазери ги обвини САД, Израел и Саудиска Арабија дека стојат зад насилствата во коишто загинаа најмалку 22 луѓе и во кои имаше обиди демонстрантите да заземат полициски станици.
Иранската Гарда на чуварите на револуцијата во соопштението од неделата, исто така, тврди дека насилните безредија со над дваесет мртви и во коишто имаше вооружени напади врз полициски станици „ги создадоа САД, Британија, ционистичкиот режим (Израел), Саудиска Арабија, лицемерите (иранските сунитски муџахедини кои се главно во егзил се помагани од САД -з.р.) и монархистите“.
Помпео, во разговорот за Fox News натаму рече дека смета оти протестите во Иран не може да се сметат за завршени.
„Во меѓувреме иранскиот режим се заканува со насилство, Сулејман Касами (еден од челниците на Гардата на чуварите на исламската револуција, генералот Сулејман Касами – з.р.), фрлаше пари во ветер во Либан, Сирија, Јемен, обидувајќи се да консолидира Господ знае што и да го претвори Иран во најголемата држава во светот спонзор на тероризмот“, тврди Помпео.
Го опиша државното устројство на Исламската република Иран како „теоркатски режим свртен кон минатото“критикувајќи ги актуелните челници на духовното и световното раководсво на земјата за постојано задушување на масовните протести во минатото.
„Иранскиот народ не го сака тоа. Очекувам дека Иранците ќе продолжат да ги разгоруваат немирите против властите. Претпоставувам дека овие протести сѐ уште не се завршени“, додава директорот на CIA.
ротестите, како економски револт , започнаа на 28-ми декември во светиот шиитски град Машхад, вториот по големина во земјата, откако владата најави планови за зголемување на цените на горивата и кастрење на паричната помош за сиромашните. Меѓутоа, протестите коишто зафатија 80 градови во кои младите и работниците негодуваат против поскапувањата, невработеноста и сѐ поголемата разлика меѓу богатите и сиромашните, набрзо станаа насилни што наиде на остра осуда од владата и претседателот.
Потоа три дена по ред беа организирани уште помасовни протести на поддржувачите на владата, свештениот врв и претседателот Хасан Роухани, што всушност ги прекина протесните собири.