Директорот на МНТ најавува казни за актерите кои не ја одиграа претставата како поддршка на Владо Јовановски

Директорот на Македонскиот народен театар (МНТ), Драган Спасов-Дац, на својот фејсбук профил објави дека сите актери ќе бидат казнети затоа што во петокот вечерта не ја одиграа преставата „Ничија земја“ како поддршка на приведените уметнции, вкличително и нивниот колега актерот Владо Јовановски кому му е одреден притвор.

„Пријатели и љубители на театарот, денеска се случи нешто што не смееше да се случи. СЕ ОТКАЖА ПРЕТСТАВА ВО МНТ. Покрај мојата сугетија и наредба да се игра претстава, глумците своеволно одбија да ја играат претставата ‘Ничија земја’, како подршка за приведените глумци кои беа инволвирани во случувањата од 27-ми април во собранието. Сите до еден ќе бидат казнети за непослушноста и по разговорот со мене свесни се за проблемот кој го направија. Театарот постои за публиката и така ќе остане. Ова го почувствував како атак кон мене и кон нашата публика“, пишува директорот Спасов во својата реакција.

Инаку, целиот актерски тим, вчера излезе пред присутните во МНТ и извинувајќи ѝ се на публиката соопшти дека во знак на протест за притворот на нивниот колега, претставата нема да се одигра.

По ова публиката беше замолена да ја напушти салата.