Директорот на владината СОЗР, Пеце Мирчевски, знае да тестира и авиони

424

Не стивнува скандалот во јавноста откако во петокот, директорот на владината Службата за општи и заенички работи, Пеце Мирчевски, заедно со четири колешки летна во Љубљана за да го тестира владиниот „Лирџет“, односно на пробен лет.

Дека наводно не станувало збор за шетање и шопингување во Љубљана, туку за тренинг лет, извршен на релација Скопје-Охрид-Љубљана, демантираше Мирчевски. Според него, на летот биле двајца пилоти, еден инструктор и четири лица. „Летот почна во 7:30 часот, а по Охрид, авионот продолжи за Љубљана, бидејќи тестирањето на авионот подразбира три часа непрекинат лет, изјави Мирчевски во петокот за МИА, но не објаснувајќи зошто токму тој со своите колешки присуствувал на пробниот лет.

Вработени во СОЗР, пак, за „Нетпрес“, велат дека пробен лет од три часа можел да се направи и во Македонија, односно над Скопје или над Охрид, како што било практика и до сега. Дополнително, што е уште помалку разбирливо, контролен лет на Лирџетот веќе бил извршен минатиот месец.

„Тоа објаснување, односно демантот на Мирчевски звучи смешно. Мала им е Македонија, па ајде луксуз да си правиме. Згора на сѐ, досега ниеден директор на СОЗР не патувал кога се вршела контрола на „Лирџетот“, па уште со 4 жени вработени во службата. Тоа не е комисија за полагање возачки испит“, вели револтирано нашиот извор. Додава дека е вообичаено пилотите да летаат со инструктори, заради проверка на нивните вештини, а не со директори, пред сѐ затоа што тоа не се компетентни лица.

-Нема потреба на ваков лет да биде секретарка, раководител на човечки ресурси, на јавни набавки и колешка која има многу обична улога во Службата, да резервира авио билети за потребите на министерствата, плус сите ангажирани со договор на дело. Тоа е исто како, помошник механичарот или перач подмачкувач, да оди со минибусот кога се вози висока делегација. На тие лица не им е таму местото, посочува нашиот извор.

Според инструктор кој присуствувал на петочниот лет за Љубљана, станувало збор за летање заради проверка на исправноста на авионот. А, на нашето прашање, зошто „членовите на екипажот“ биле токму Мирчевски и четирите колешки, ни рече: „Тоа ќе си прашате во Службата, не знам зошто.-

Некои медиуми го спомнуваа Пеце Мирчевски во љубовен скандал со новата директорка на УЈП и на неколку пати објавија дека тој започнал бракоразводна постапка поради нивната романса која траела од поодамна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.