Директорот на Витаминка, стана почесен конзул на Украина

Во присуство на дипломатскиот кор, претставници на Министерството за надворешни работи и локалната власт во Прилеп беше отворено почесното конзуларно претставништво на Украина во Република Северна Македонија. Функцијата почесен конзул на Украина ќе ја извршува Сашо Наумоски, генерален директор на Витаминка, стопанственик кој долги години придонесува во развивање на економските релации меѓу двете земји и истакнат член на заедницата.

Наумоски ја искажа големата чест што му e дадена и одговорноста на задачата.

– Да се претставува земја која во моментов се соочува со воена агресија е голема одговорност бидејќи довербата што ми се дава во вакви моменти е навистина знак на голема почит. Во овие времиња да се биде пријател е голема чест, да се даде доверба е доблест, а јас во моментов ги имам двете од страна на Украина. Тоа ме става пред уште поголема одговорност и обврска како почесен конзул на оваа земја, да придонесам за зацврстување на релациите и размена на позитивните вредности. Ќе се обидам да направам сѐ за да се подобрат релациите меѓу двете земји. Сигурен сум дека моите контакти, позицијата во општеството ќе придонесе за подобри економски односи и секако да помогнеме онаму каде помошта е навистина неопходна – истакна почесниот конзул Наумоски.

Амбасадорот на Украина Лариса Дир посочи дека на Сашо Наумоски му беше доделена честа да биде почесен конзул на Украина, бидејќи се посветил на промоција на Украина.

– На г-дин Сашо Наумоски му беше доделена честа да биде именуван за почесен конзул на Украина во Прилеп. А ние имаме чест што токму таков човек ќе ја посвети својата енергија и знаење на извршување на функциите на Почесниот Конзул на Украина, исто така имајќи го предвид фактот дека од моментот на инвазијата од големи размери во Украина, г-дин Сашо уште од првите денови ѝ помага на Украина. За време на војната на Русија против Украина, заштитата на интересите на Украина, граѓаните на Украина и нејзините правни лица во земјата домаќин во границите дозволени со меѓународното право не е лесна задача. Вие ќе го претставувате украинскиот народ, кој веќе триста педесет и деветти ден се бори за своето право на живот, територијална независност и правото да остане суверена држава во нејзините меѓународно признати граници – истакна амбасадорка Лариса Дир во своето обраќање.

Отворањето на конзуларното претставништво е дополнување на добрите билатерални релации, а со отворањето во Прилеп, што е прво вакво претставништво во овој град, ќе се поттикнат трговијата, инвестициите и економската размена на локално ниво, што дополнително го зголемува значењето и улогата.

Дипломатските односи меѓу Украина и Македонија беа воспоставени во 1995 година а дипломатското претставништво на Украина е отворено во 2000 година за веќе следната година да биде отворена Амбасадата на Украина во Република Македонија. Меѓу двете земји е разменет и Договор за пријателство и соработка, со кој се дефинираат основните принципи и насоки на развој на билатералните односи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.