Директорот на Зоолошката градина во Скопје испрати опомена пред тужба за клевета

Директорот на скопската зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, најави дека ќе достави опомена пред тужба за клевета до советничката во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова.

Таа на 19 август на прес-конференција постави прашање дали Галетановски бил во присуство на директорот на „Улици и патишта“, Сенад Смаиловиќ, кај кого беше пронајден кокаин.

„Барам јавно извинување и повлекување на изјавата од советничката Ирена Попова, која изнесе невистини за мене. Ниту сум бил таму, ниту ме претресле, ниту, пак, МВР нешто крие. Со оваа опомена пред тужба, сакам да помогнам во борбата против лажни вести и клевети кои одредени поединци ги шират за институции, граѓани и одговорни лица“, вели Галетановски.

Според Галетановски, ова е делот од изјавата на Попова каде то се изнесени невистинити факти:

„Дали во присуство на директорот на ЈП ‘Улици и патишта’ бил и директорот на скопската зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски Чомбе? Каква е улогата на Чомбе и дали и тој бил претресен за поседување дрога? Што уште треба да се случи Шилегов да поднесе оставка, кога двајца негови директори се вмешани во огромен скандал? Дали е вршено притисок врз полицијата да се преиначи делото од продажба на наркотици во поседување наркотици за лична употреба? Дали МВР се замолчува под налетот на партиските јурушници на Заев? Зошто институциите се ставаат во заштита на криминалци, но и зошто се ставаат во раце на криминалци“?