Дисциплинска за инспекторот кој ги откри незаконските напредувањата на Адеми и Нухиу

Покрената е дисциплинска постапка против просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, кој откри во јавноста дека владините функционери Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули се стекнале непрописно со повисоки стручни звања на Тетовскиот државен универзитет додека биле на должност, објави Факултети.

Тој на 19 јули треба да се појави пред дисциплинска комисија во Државниот просветен инспекторат, а постапката е покрената од Африм Саљиу, раководител на секторот за високо образование, а истата е одобрена од директорот на ДПИ, Томе Спировски.

Наводно Илиевски направил нецелосно утврдена фактичка состојба при извршен инспекциски надзор во Универзитетот во Тетово; но и за неовластено давање информации во јавноста на одлуки кои немаат правосилност и конечност, односно не смеел „да ја изнесе без согласност од директорот“.

– Доставив целокупна документација до Народен правобранител, од каде што побарав нивен претставник да биде присутен за време на комисијата. Истото ќе го побарам и од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Вчера доставив барање и до Државната комисија за спречување корупција да бидам заштитен. Јавноста треба да знае како се води случајот, зашто станува збор за јавни функционери. Ако јас не ги изнесев сознанијата до кои дојдов при инспекцискиот надзор во Тетово, ќе бев соучесник во криминално дело. Ме штити и Законот за укажувачи – вели Илиевски за Факултети.мк.

На ова, градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, на својот фејсбук профил напиша: „Место да се охрабрат и да се подржат луѓето кои што пријавуваат нерегуларности и незаконитости, кај нас тие се казнуваат. Оваа е една од главните причини зошто младите бегаат од државата“.