ДКСК ќе го следи изборниот процес, институциите да ги почитуваат забраните утврдени во Изборниот законик и Законот за спречување корупција

ДКСК изрече јавна опомена на функционер заради судир на интереси

Во претстојниот период на спроведување на активностите поврзани со постапувањето на Владата за спроведување на избори за пратеници, како и за времетраење на изборниот процес, Државната комисија за спречување на корупцијата согласно одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси нема законски основ да дава мислења по доставени барања поврзани со начинот на постапување на министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторните тела, трговски друштва и други институции основани од државата.

Оттаму, саоопшти денеска ДКСК ги известува сите институции дека нема да се произнесува со свое мислење на поединечни доставени барања и воедно ги повикува институциите да ги почитуваат забраните утврдени во Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во текот на изборниот процес.

– ДКСК ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување, потенцираат од ДКСК.

Одредбите и ограничувањата од членот 8-а и 8-б од Изборниот законик и членот 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се подвлекува во соопштението, не се применуваат во периодот од денот на изборот на Владата за спроведување на избори за пратеници се до денот на донесување на Решението за распишување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија од страна на Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија.

– Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија се до изборот на Владата на Република Северна Македонија задолжително да се почитуваат забраните утврдени во членот 8-а и 8-б од Изборниот законик и во членот 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се вели во известувањето од ДКСК до министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва и други институции основани од државата, како и јавноста.