ДКСК: Продажбата на земјиштето спроти „Холидеј Ин“е спорна

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) утврдила дека градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, пред продажбата на земјиштето кај хотелот „Холидеј Ин“ издал извод од планот во кој не назначил оти планот е под мораториум и дека постои ризик да претрпи измени, информираше денеска Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Како што рече таа, изводот од планот тој го издал поради наводно решавање на имотно-правни односи, но на истиот извод се повикало Министерството за транспорт и врски при продажбата на земјиштето.

Ивановска укажува дека градоначалникот и Советот на Општина Центар треба да се придржуваат на стандардите и нормативите со кои се обезбедува зголемување на степенот на хуманоста на живеењето.

– Продажбата ја извршило Министерството за транспорт и врски врз основа на извод од ДУП кој не се применува, согласно одлука донесена од Општина Центар за запирање на спроведувањето. Изводот од планот го издал градоначалникот на Општината за наводно решавање на имотно-правни односи. Во барањето на подносителот е наведено дека изводот од ДУП е потребен за дооформување на парцелата. Изводот издаден од градоначалникот не содржи известување или напомена дека планот за кој се издава е под мораториум и може да претрпи некакви измени при негова ревизија – истакна Ивановска.

Таа додаде дека ДКСК ќе испрати барање до Уставниот суд да изврши оценка на членот 64 од Законот за денационализација, а понатаму укажува дека поради фактот дека земјиштето е продадено во време на мораториум кога ДУП се ревидира и може да претрпи одредени измени, постои реален ризик на влијанија од сопствениците на тоа земјиште врз натамошната постапка од ревидирање и донесување на ДУП од страна на Советот на Општината.

– Поради големиот интерес на јавноста и сензитивноста на ова прашање, ДКСК ќе поведе иницијативи за преоценка на законските решенија со кои се овозможува системска, односно законска корупција и ќе ја следи судбината на оваа парцела со решенијата кои ќе бидат предложени во идниот детален урбанистички план – рече Ивановска.

Веднаш по нејзината изјава реагираше и градоначалникот Богдановиќ, кој истакна дека сè што е издадено од Општина Центар за земјиштето спроти хотелот е согласно законските процедури.

– Додека не се донесе нов урбанистички план на сила е постојниот и изводите се од него. Таков извод издадовме за земјиштето спроти „Холидеј Ин“. Немаме обврска да ставиме назнака за мораториумот. Мораториумот не е тајна, туку акт објавен во службено гласило, а освен тоа мораториумот се однесува за одлуки што ги носи Општината, како што се неиздавање на одобренија за градење. Наша законска обврска е кога некој ќе побара извод од план да му доставиме извод од важечкиот план – вели градоначалникот Богдановиќ.

Реакција пристигна и од Министерството за транспорт и врски издадено од министерот Горан Сугарески, во кое се вели дека оттуѓувањето на земјиштето кај „Холидеј Ин“ е извршено според законската регулатива.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.