Длабоко Сина 5Г точка

За се’ во животот е потребна една здрава временска дистанца за да се согледаат последиците на некакво историско делување и како тоа во иднина ќе се одрази. Тоа не подразбира пасивност денес, но најмалку ароганција за демек-детектирање на проблемите со некакви само измислени тези во своја глава, во зависност од лудилото или злобниот табиет, што требало да се случи во политиката, што он си рекол, а некој не прифатил.

Ма све ќе било поинаку, али не го послушале, бреееј. А, на ноторен лажго треба да му поверувам? Не, затоа се тука неговите верни следачи кои во тој миг им одговара тоа што го квичи, а дали кореспондира со вистината и не е важно. Е, па мене и тоа како ми е важно!

На почетокот на ХХ век најголем проблем на развиените, тогашни земји, беше одлагањето на коњскиот измет од улиците на големите градови. Никој ни на памет не му паѓаше, ниту можеше да согледа колкава ќе биде автомбилската револуција. Можеби некој нешто и кажал, ама колку можел да биде убеден? Така и денес за секоја технологија имаме само најдобар можна претпоставка која ќе биде и чија ќе биде, а не знаење. Деновиве, учипената демек, антиглобалчистичка маса хистерише за опасноста од 5Г, која почна во исто време со блокадата на Западот на користењето на истата, бидејќи е на „Хуавеи“, кој доминира и отиде премногу напред, така што токму душегрижници им ја тераат водата на воденицата токму на оние за кои пиштат со години дека се душмани на човештвото. Не мислам као нив, и драго ми е. Сега светот е во технолошка војна. Прв пат Западот не е лидер и не поседува патент на најнапредна технологија. Ќе биде долга, мачна и само добро потковани ќе можат да ги перцепираат потезите, бидејќи има премногу непознати и се разработува секое можно сценарио.

Големите така функционираат, имаат сценарија за (виртуелни) ситуации со децении нанапред. Нејсе, технологијата сега, за жал, се сведува на национална, а не на глобална. Кина, сега може да си го дозволи тоа, може и САД, а остатоткот ќе следи и прави онака како паркираниот носач на авиони во најблиското море ќе му оттитка морзеова до блиската амбасада. И нема тука емоции, луетење и заговори, едноставно, тоа е така во реал политиката на себе-позиционирање.

Повеќепати се обидував (ја будала) да укажам, дека секој потег кој се влечеше во нашата политика имаше, на маса подготвени барем три опции на разврска на секој потег. Затоа и ми се закнуваа, исмеваа, омаловажуваа… но, оние кои препознаа останаа на терен, другите, пишуваа статуси на Фејсбук во очај да се наметнат повторно. Тие не се елиминирани оти се во категоријата – корисни будали (и јас сум таму).

Затоа деновиве просто и не е да отвориш или прочиташ анализи за тоа дали метлата била за метење или за јавање, дали била козметика или суштина. Драги мои, мислите дека тоа и нешто значи? Победникот по дифолт секогаш е арогантен, секогаш губи допир со базата, како и СДСМ денес и ВМРО претходно. Кој колку ќе промени, не е само прашање на желба, туку и реалност. И двете партии влечат со себе тешки паразити, пантличари и корисни будали кои се таму само да цицаат. Во дадена ситуација помагаат, но исто и одмагаат. Ма настрана нивните заложби за добро или „ово-оно“, тоа се дегенериците кои кочат секого и се’ и во своите партии и во земјата. Тешко е да се заменат, но можат да се маргинализираат. Од ВМРО денес не барајте такво нешто, бидејќи мора да настапи со обединет фронт, но победникот може да си прави рокади какви му одговараат, ако планира да биде на подолг рок, но прашање е колку релано може. Балансот меѓу меѓународната поддршка и гласачкото тело е единствената непозната на нашите партии, едните премногу се потпираат на странците, другите на народот, за жал никој не го најде вистинскиот сооднос, а тој е оној кој ќе владее долго и добро.

Затоа треба стратегија и трпение, градење тим како фудбалски за премиер лига и играње шах и предвидување потези како Дип Блу (некогаш најјакиот компјуер на светот). Не паѓајте на демек праведници кои одеднаш се свестија и сега намириасаа дека можат повторно да се вратат кај партијата од која цицаа толку многу, па се закнуваат со правдини и освети и што ти ја знам што, кога ќе се врателе. Таквите се за маси, за лајкови на Фејсбук, тоа се обични рекетари кои со флоскули кои го галат увцето мотивираат полупијана маса која меѓу две ракии читнала статус. Се надевам дека оние горе се малку потрезвени иако најчесто ги понесува некаква статистика која се тумачи погрешно.

Знам дека не знам, но само во ова сум сигурен – „Се’ е онака како што треба да биде и неможе да биде поинаку“ (парафразирано) – Морфеус, Matrix Reloaded 2001.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.