„Дневна доза мазохизам“ премиерно во МКЦ

16

Во МКЦ вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Дневна доза мазохизам“ по текст на младата хрватска авторка Дина Вукелиќ, а во режија на Лука Кортина. Сценографијата е на Мартин Манев, костимографијата на Ирина Тошева, а кореографијата на Наталија Теодосиева. Продуцент на претставата е Петар Антевски.

Ликовите ги толкуваат младите актери Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Јанка Лефкова и Ава Хусеини, како и Амернис Нокшиќи, Димитрија Доксевски и Ѓорѓи Јолевски.

– Истражувајќи ја опсесијата како генетски код врз кој се создаваат односите меѓу луѓето и опседнатоста како пракса што се артикулира во секојдневието, новиот театарски проект на Пресврт, „Дневна доза мазохизам“ го разложува човековиот емотивен распад преку конфликтот што се наоѓа во обичните ситуации. Заслепени од виртуелниот идеал, луѓето често се наоѓаат на крстопатот помеѓу тоа што е и тоа што посакуваат да биде, како што му се случува и на Тома, чие несовпаѓање со светот длабоко се истакнува преку неговата привлечност кон младата „инфлуенсерка“ Софија, која пак се бори со сопствениот наметнат калап на своите обожаватели – информираат од МКЦ.

По вечерашната премиера, првата реприза на претставата „Дневна доза мазохизам“ е закажана на 25 јуни во 20 часот. Билетите се достапни на билетарницата во МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk.

„Дневна доза мазохизмот“ првпат ќе биде поставена не само во земјава, туку на 24 јуни ја доживува и својата светска премиера.

Продукцијата на претставата е финансиски поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија, како и поддршката од Италијанската амбасада во Скопје, компанијата Нетсетера и пријателите од Добар бар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.