Хан не му ветил на Заев отворање на поглавјата 23 и 24 штом ќе формира влада

Не е точно дека еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на последната средба со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ветил отпочнување на преговорите, односно отворање на поглавјата 23 и 24, како што изјави првиот човек на партијата по средбата во македонското собрание, пишува весникот „Дневник“.

Заев рече оти Хан му ветил отворање на поглавјата доколку бргу се формира влада и почнат реформите.

–Пораките од Брисел се многу јасни и никој не може да ги занемари, ЕK не се откажува од земјата и има позитивни намери со неа, Хан најави претпристапен дијалог со поглавјата 23 и 24, но ние мора да ја сработиме работата институциите да се фатат во нормала, а Груевски да престане да си игра со чувствата на граѓаните – изјави Заев на 22 март.

Од кабинетот на Хан за „Дневник“ велат дека ваква порака не е испратена, односно дека за отворање на претпристаниот дијалог одлучуваат земјите членки на ЕУ, односно на Советот. Со други зборови, тоа што Заев го изјавил е неточно. Kако што ни одговори Kоцијанчич, препораката за почеток на преговорите е условена со исполнување на пржинскиот договор и итните реформски приоритети – нешто што Хан го порача кога се одвиваа пржинските маратонски преговори во 2015 година, пишува „Дневник“.

– Препораката на Kомисијата за почеток на преговорите е условена со претходно исполнување на пржинскиот договор и итните реформски приоритети од страна на земјата, односно властите. Ова го вклучува решавањето на системските слабости во областите на владеење на правото (областите опфатени со двете поглавја).

За отворањето на пристапните преговори, штом овие услови ќе бидат исполнети, ќе одлучуваат земјите членки/ Советот на ЕУ – ни рече вчера Kоцијанчич.

Kолку за потсетување, иако изминатите години повеќе пати се анализирани, Поглавјето 23 се однесува на правосудството и на фундаменталните права, а Поглавјето 24 се однесува на правда, слобода и на безбедност.

Забелешките во однос на овие две прашања во последниот извештај за напредокот на Македонија се дека треба уште многу да се направи.

– Земјата веќе ги има завршено повеќето од реформите и ги има воспоставено потребните правни и административни структури во оваа област. Сепак, постои ризик од влошување во некои области, вклучувајќи ги судството и борбата против корупцијата. Потребни се дополнителни напори за заштита на независноста на судиите за да се подобри квалитетот на правдата и да се олесни пристапот до правдата. Многу поголем фокус треба да се даде на ефикасно спроведување на постојната рамка за фундаментални права, особено во однос на финансирање, екипирање, подигнување на свеста, меѓуинституционална соработка и стратешко планирање, особено во области како што се затворите, правата на децата, антидискриминација, правата на ЛГБТИ и на Ромите. Состојбата со слободата на изразување и понатаму е проблематична и потребни се поголеми напори за подобрување на културата на медиумите – се вели во забелешката за Поглавјето 23.

Слични формулации се користени и за забелешките што се однесуваат за Поглавјето 24.

– Земјата веќе достигна високо ниво на усогласување на законската регулатива во оваа област, а административните и судските структури се во напредна фаза. Беа направени понатамошни подобрувања во областа на полициската соработка и во борбата против организираниот криминал и трговија со луѓе. Меѓутоа, во некои сектори напредокот останува бавен,во однос на подобрување на инфраструктурата, капацитетот и стратешкото планирање, кои се потребни за целосно и ефикасно спроведување на постојните политики. Тука особено спаѓаат миграции и азил. Отсуството на независен систем за надворешен надзор на полицијата исто така треба да се реши – пишува во извештајот.

Но, тоа што не пишува е дека дури и оценките за сите овие поглавја да бидат сјајни, никакви преговори нема да започнат додека не го решиме спорот со Грција или преведено кажано – додека не го смениме името. Kолку за потсетување, Македонија доби речиси десет препораки од ЕK за започнување на преговорите, но токму поради проблемот со Грција тие никогаш не започнаа. Претпристапниот договор што го споменува Заев, всушност е обид од времето на Баросо (за таа цела тој имаше средба со Груевски во Охрид уште додека комесар за проширување беше Штефан Филе) да се направи некаков бајпас на таа ситуација, па додека Македонија ја чека милоста на ЕУ за своето име, да се работи заедно со Брисел на тие поглавја, но идејата во стварноста никогаш не заживеа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.