Дневник: Никој во ДИK не знае зошто СДСМ зборува за спорни гласачи

СДСМ лицитира со бројки во Избирачкиот список кои се целосно нејасни за нас членовите, а за јавноста и да не зборуваме. Од двајцата колеги од Социјалдемократскиот сојуз досега не сме добиле одговор зошто бројките со кои лицитира нивната партија се спорни, вели за „Дневник“ Силвана Бонева, членка на Државната изборна комисија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, неопходно е да се персонализираат тие лица, да се види за кого станува збор, а не да се преговара околу бројки кои, како што вели, се неприфатливи. Бонева тврди дека никој од оние што изминатиов период јавно зборуваат за спорни гласачи, никогаш не побарал од ДИK да објасни за Избирачкиот список и се што се однесува за него.

Да ни се обратеше кој било, до оваа ситуација немаше да дојдеме. Тие 42 илјади што ги споменуваат да бидат означени со ѕвездичка, пред сe, не се толку, туку се околу 39 илјади, а и самиот поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски стави потпис на извештаите од проверките каде што токму овие лица се впишани. Затоа е целосно нејасно што е спорно, вели Бонева.

Поради овие и други нејаснотии, Kомисијата одлучи денеска да ги седне на маса сите четири партии, со претставници од ОБСЕ, ЕУ,САД, четири невладини организации што ги набљудуваат изборите и претставници од сите институции што учествуваа во вкрстената проверка на податоци за да ги решат дилемите.

Друг член на Kомисијата за „Дневник“ објаснува дека ќе се разгледува состојбата на списокот од 2013 година наваму, и тоа во ист состав на таканаречената работна група за прочистување на списокот, која таа година го потпишала и признала како таков.

Тогаш списокот броел 1.743.403 гласачи, а според последните податоци заклучно со мај оваа година, бројката изнесува 1.803.631 гласач. Иако работите изминатиов период беа блокирани, ажурирањето на списокот си течеше нормално и професионално согласно бројот на умрените, иселените, промени на адреси и државјанства итн. За разликата во бројот од пред три години и сега има објаснување, кое е според сите законски правила и прописи, објаснува членот на ДИK.

Денешниот состанок инициран од ДИK е обид за одблокирање на преговорите, барем во делот за Избирачкиот список, иако за лидерска средба се уште нема никакви најави.

Тодоров: Нема најава за нова лидерска средба

Засега нема поместување меѓу партиите од големата четворка иако, според учесникот во преговорите од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, набрзо е можен напредок.

Засега нема најава за нова лидерска средба и не би требало да има с` додека нема ништо опипливо. Јас и пред некој ден кажав каде стои ВМРО-ДПМНЕ и каков е ставот на партијата во делот на Избирачкиот список, така што очекувам дека многу брзо ќе има напредок, изјави Тодоров.

Пред два дена, висок функционер на СДСМ ни изјави дека на високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, јавно се кажани сите детали од преговарачкиот процес и оти социјалдемократите повикале на договор.

Нема најава за лидерска средба, рече тој.