ДНЕВНИК: Талат Џафери го деградира државното знаме

Пратеникот Талат Џафери, нелегитимно устоличен претседател на Собранието на Република Македонија, уште не седнат на столот, грубо го прекрши Законот за употреба на знамињата, грбот и химната и Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, пишува Дневник.

Новото време на „промени“ фактички започна со примена на тиранската платформа. По пеењето на албанската химна на 27 април на пленарна седница на Собранието, Талат Џафери со самото влегување во претседателскиот кабинет спротивно на Законот постави две албански знамиња, со што изрази непочитување на законодавниот дом и повреда на елементарните чувства и понижување на знамето на Република Македонија.

Знамето е симбол на државата, а употребата на знамето е уредена со Законот за употреба на знамињата, грбот и химната. Според член 3, знамињата, грбот и химната се употребуваат на начин со кој не се нарушува угледот и достоинството на Република Македонија. Во членовите од 13 до 16 се уредува употребата на знамето во случаи кога знамето на Република Македонија постојано е истакнато, кога задолжително се истакнува и кога може да се истакне. Истакнувањето и употребата на знамето во согласност со Законот, ја означува припадноста на Република Македонија.

Деградирано државно знаме

Во член 17 од Законот, се предвидуваат неколку начини за употреба на знамето на Република Македонија. Во случај кога знамето на Република Македонија се истакнува заедно со две други знамиња, знамето на Република Македонија се наоѓа во средина. Ако знамето на Република Македонија се истакнува покрај друго знаме, тоа секогаш се наоѓа на левата страна, гледано од напред. Доколку знамето на Република Македонија се истакнува со знамето на единиците на локалната самоуправа и други знамиња, знамето на Република Македонија се истакнува на прво место од левата страна оддалечено два метри, а повисоко за еден метар и со поголема димензија од знамето на единицата на локалната самоуправа и од другите знамиња.

На бирото на претседателот на Собранието, спротивно на член 17 е поставено знамето на Република Албанија, кое истовремено е знаме на албанската етничка заедница во Македонија и тоа по редослед прво, во средината знамето на ЕУ и на трето место е поставено знамето на РМ. Освен тоа, на полицата зад бирото на претседателот е поставено уште едно албанско знаме, без да биде поставено македонско знаме на начин предвиден во Законот.

Во Законот за употреба на знамињата, грбот и химната нема основа за истакнување знаме на етничка заедница, како симбол на припадност на носител на државна функција, како што наведува Талат Џафери по повод реакциите за поставувањето на двете албански знамиња од негова страна во кабинетот на претседателот на Собранието. Освен тоа, покрај тоа што нема законска основа, начинот на поставувањето на албанското знаме на прво место, а потоа знамето на ЕУ и на крајот знамето на РМ е спротивен на Законот, бидејќи знамето на РМ е поставено на трето место гледано од напред, со што се деградира и повредува знамето на државата и се нарушува угледот и достоинството на Република Македонија.

Пратеникот Талат Џафери предизвика тешка провокација и изрази непочитување и повреда на Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија.

Дефинирани правила

Употребата на знамињата на заедниците во Република Македонија е уредено со Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија од 15 јули 2005 година. Овој закон е изменет и дополнет со Законот за изменување и дополнување на Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија од 18 јули 2011 година. Предлагачи на овој закон се група пратеници, а прв потписник на предлог-законот е токму пратеникот Талат Џафери.

Со Законот се уредуваат правото и начинот на употребата на знамињата преку кои заедниците во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и особеностите. Во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50 отсто од населението, знамињата на заедниците се употребуваат во случаи определени со Законот, секогаш со знамето на Република Македонија.

Во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедницата кои се повеќе од 50 проценти од населението во таа единица, знамето на Република Македонија се истакнува во средината, додека знамето на заедницата е два метри надесно, гледано од напред, а знамето на единицата на локалната самоуправа е два метра налево од државното знаме. Kога знамето на Република Македонија е истакнато заедно со знамето на заедницата, знамето на заедницата е надесно, гледано од напред од знамето на Република Македонија, а кога се истакнати повеќе од три знамиња, знамето на Република Македонија се става прво во редот.

Освен тоа, според член 8-а, знамето на Република Македонија кога се истакнува со други знамиња во согласност со закон е со поголема димензија од една третина од другите знамиња.

На потег се јавниот обвинител и МВР

За кое и какво право се залага пратеникот Талат Џафери, кога првиот час во претседателскиот кабинет на Собранието постави две албански знамиња и грубо го прекрши законот. Според член 30 став 1 точка 1 и став 4 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната, за повреда на член 3 од Законот, за правно лице е предвидена глоба од 4.000 до 5.000 евра, а за физичко лице глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност. За изведувањето химна на странска држава со член 30 став 4 од Законот за физичко лице е пропишана глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.

Дали надлежниот јавен обвинител и Министерството за внатрешни работи презедоа мерки за казнено гонење спрема сторителите на овие казнени дела? Законот за употреба на грбот, знамето и химната и Законот за употреба на знамињата на единиците на локалната самоуправа масовно се кршат, без да се преземаат некакви мерки. На големи јарболи, спротивно на Законот се поставува само албанско знаме, односно знаме на албанската етничка заедница во Македонија без знамето на државата, а масовно се поставуваат само знамиња на албанската етничка заедница во многу простории и на јавни места, без да се постави и знамето на државата и сето тоа поминува неказнето, што преставува стимулирање за масовна повреда на законите.

Непочитување на уставните симболи, на знамето, грбот и химната на државата, значи непочитување на државата, а тоа не може и не смее да се толерира.