До 10 часот помала излезност за локалните избори во Охрид од претседателските

Наспроти 6,32 отсто одѕив на избирачите на претседателските избори, на изборите за градоначалници на општините Охрид и Ново Село е заележана нешто помала излезност до 10 часот од  5,59 отсто од граѓаните со право на глас во Охрид, информираше во неделата на својата прва прес-конференција Државната изборна комисија (ДИК).

Излезноста за првите три часа од гласањето, во Ново Село, пак, изнесува 10,05 отсто.

Според заклучениот избирачки список на Државната изборна комисија, за предвремените локални извори во Охрид право на глас имаат 52.303 граѓани, а во Ново Село 11.365 граѓани.

Во двете општини избирачот, покрај ливчето за претседател, добива и едно ливче само за избор на градоначалник, со оглед дека советите се конституирани на редовните локални избори. За гласањето на локалните избори, избирачот се потпишува во изводот од избирачки список наменет за локалните избори.

Во општината Охрид изборите за градоначалник се распишани поради ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски, а во Ново Село се избира нов градоначалник, бидејќи поранешниот Боро Стојчев поднесе оставка откако беше осуден на затворска казна за обид за шверц на цигари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.