До 11 часот излезноста е 8,03 проценти

Излезноста до 11 часот според податоците на Државната изборна комисија изнесува 8,03 проценти од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

Портпаролот на ДИК, Љупка Гугучевска на втората прес конференција истакна дека овие податоци се добиени до 92,06 проценти од избирачките места. Таа посочи дека референдумското гласање тече мирно и без неправилности.

Во Делчево и Македонска Каменица од вкупно 21.387 избирачи до девет часот своето право на глас го оствариле 2.264 гласачи.

Според информациите на Владимир Петровски излезеноста на референдумот во Делчево до 11 часот изнесува 11,3 проценти.

Досега на сите 36 гласачки места не се забележани никакви нерегуларности и било какви други проблеми со што можеме да заклучиме дека гласањето тече во најдобар ред. По пресекот направен во 11:00 часот од вкупно 14.721 гласач своето право на глас го оствариле вкупно 1.653 гласачи или во проценти 11,3 проценти, рече Петровски.

На гласањето во Македонска Каменица според информацијата на Сања Митревска, претседател на општинската изборна комисија до 11 часот гласале 611 гласачи.

Во Македонска Каменица на 17 избирачки места од вкупно 6.666 до 11 часот своето право на глас го оствариле 611 гласачи. Гласањето се oдвива во мирна и демократска атмосфера, информираше Митревска.

Во првите четири часа од изборниот процес во општина Битола гласале 12 отсто од граѓаните со право на глас.  Од ОИК Битола информираат дека гласањето се одвива демократски и без проблеми на сите 170 гласачки места.

Во општина Демир Хисар од 7.090 регистрирани гласачи на единствениот избирачки список, до 11 часот гласале 8,7 отсто од граѓаните учесници на денешниот референдум. Гласачкиот процес е во тек.

Излезноста на референдумот до 9 часот изнесуваше 2,45 отсто. Споредено со последните парламентарни избори во 2016 година тоа претставува слаб одѕив.

На пример според првичните податоци од Општинската изборна комисија од 7 до 9 часот во Општина Штип гласале 1.412 гласачи или во проценти своето право на глас го искористиле 3,4 отсто од вкупниот број на избирачи. Ако се спореди со минатите избори општина Штип во овој период имаше 10% излезност, а сега излезноста е неколкукратно помала. Како што веќе и информиравме гласањето на 77-те избирачки места во Општина Штип тече без проблеми, а гласачките места се навреме отворени.Во Општина Штип со право на глас се вкупно 41.854 гласачи.

Ниска излезност на референдумот иамше и во скопската општина Аеродром. Согласно објавените податоци на ДИК до 9 часот излезноста изнесува 2,73 отсто. За споредба излезноста на парламемнтарните избори во 2016-та година за ситиот период изнесувала 13,43 проценти.