До 14.000 евра заштедуваат граѓаните со проектот „Купи куќа-Купи стан“

Со субвенциите кои ги дава Владата преку проектот Купи куќа – Купи стан едно семејство заштедува и до 14 илјади евра.

– Субвенциите кои ги дава Владата се од голема помош за нас како семејство. Во моментов ние отплаќаме само половина од месечната рата. Значи ако сме требале на банката да и плаќаме 300 евра, ние и плаќаме само 150 евра, остатокот го плаќа Владата. не е малку некој да ти отплаќа половина од ратата во првите пет години – вели Гоце Лазаров од Кочани кој пред две години има земено субвенциониран станбен кредит.

Во зависност од тоа дали на едно семејство му е потребно повеќе помош за учество или при отплата на ратата овој проект нуди два модели “Пола рата/ 75 проценти рата“ и “Пола учество /75 % учество“ во зависност од тоа дали купувате стан или куќа.

На пример за кредит од 50 илјади евра доколку купувате стан месечната рата во првите три години е 301,7 евра, од кои 150,85 евра плаќаат граѓаните, а 150,85 евра плаќа Владата. Во четвртата и петтата година ратата е 313 евра, од кои 156,5 евра плаќаат граѓаните, а 156,5 евра плаќа Владата.

Уште поголеми се поволностите доколку купувате или градите куќа. Во овој случај Владата субвенционира 75 проценти од ратата. Ова значи дека за кредит од 50 илјади евра, во првите пет години граѓаните ќе плаќаат само 25 проценти од ратата односно само 75,4 евра во првите три години и само 78,25 евра во четвртата и петтата година.

Од неодамна се намалија и каматите на овој кредит така што во моментов истите се 3,95 проценти за првите три години и 4,44 проценти за четвртата и петтата година и се најниски на пазарот. Ова значи дека и ратата која ја плаќаат граѓаните во моментов е уште помала од претходно.

За оние пак на кои им треба помош за учество Владата субвенционира половина, односно 75 проценти од учеството, во зависност од тоа дали купувате стан или куќа. Па така во овој случај за кредит од 50 илјади евра при што дозволеното учество е 12.500 евра доколку купувате стан, Владата плаќа 6.250 евра, а доколку купувате или градите куќа 9.375 евра.