До 2018-та година ќе се инвестираат над една милијарда евра во реконструкција и изградба на патишта

Од оваа до 2018-та година ќе бидат инвестирани над една милијарда евра за изградба и реконструкција на локални и регионални патишта, како и за изградба на автопатите Скопје- Штио, Кичево- Охрид и Демир Капија- Смоквица, рече денеска премиерот Никола Груевски, во своето обраќање по повод 45 години од постоењето на Друштвото за патишта на Македонија.

„Изградбата на трите автопатишта во моментов претставува една исклучително актуелна тема во нашата држава, особено поради комплексноста на самите проекти, нивното значење и секако нивната вредност. Како Влада во изминатиот период вложивме доста труд и многу напори, реализиравме многу контакти и многу разговори во насока за подготвување на проектите, наоѓање средства за финансирање и што поскоро отпочнување со нивна реализација“, рече Груевски, истакнувајќи дека со овие инвестиции ќе се подобри движењето и безбедноста на патниците и стоките.

Ваков инвестициски бран, како што нагласи тој, во делот на патната инфраструктура никогаш се нема случено во Република Македонија.

„Ако тука се додадат и проектите за реконструкција, доизградба и модернизација на двата македонски аеродроми кои претставуваат инвестиција вредна околу 87 милиони евра, како и инвестициите кои се во тек и кои во иднина ќе следат во делот на патниот и железничкиот сообраќај, не можеме, а да не констатираме дека ова се исклучително позитивни години за Република Македонија“, додаде Груевски.

Тој најави дека следниот месец ќе биде објавен меѓународен повик за изнаоѓање концесионер за патните правци Гостивар – Кичево и Скопје – Блаце.

„Подготовката за изнаоѓање концесионер ја работиме со AVS и сме во завршна фаза така што во наредните неколку недели ќе биде објавен меѓународен јавен повик. Сигналите од пазарот се позитивни и веројатноста за наоѓање потенцијален сериозен концесионер е висока“, рече Груевски.

Преку Европската банка за развој и Светската банка во процедура на преговори или на одобрување се и поголем број други патни правци низ државата.

„Ваквите проекти и нивната вредност никогаш претходно не биле реалност во Македонија, посебно не во периодот од само неколку години. Таквиот циклус очекуваме да ни донесе многу придобивки на краток и на долг рок. Очекуваме раздвижување на економијата во регионите каде што ќе се градат патиштата, отворање нови работни места, огромен ангажман на стручните кадри, градежништвото и индустријата, подобра бизнис клима, поголема конкурентност на државата при привлекување странски директни инвестици, подобра поврзаност на помалите со поголемите населени места, подобра поврзаност со соседните држави, побрза комуникација и транспорт на луѓе и стока“, истакна премиерот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.