До 31 мај јавниот сектор да го искористи вториот дел од одморот за 2019 година

Вработените во јавниот сектор кои се работно ангажирани за времетраење на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус КОВИД-19, неискористениот дел од годишниот одмор од  2019 година може да го искористат до 31 мај годинава, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице на институцијата. За вработените во здравствените институции, армијата, полицијата, противпожарните единици… кои се на првата борбена линија во борбата со коронавирусот. Тие вториот дел од ланскиот одмор и две недели од одморот за 2020 година ќе можат да ги искористат до крајот на годината.

Ова се регулира во Уредбата за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба која ја донесе вчера владата.

Според она што е соопштено, бидејќи уредбата сѐ уште не е објавена во службен весник, нема став за тоа дали вработените во јавниот сектор ќе треба да искористат и две недели од одморот за 2020 година до крајот на јуни, како што тоа го регулира претходно за приватниот сектор опфатен со владините мерки.

Со уредбата се утврдува дека вработените во јавниот сектор кои се ослободени од извршување на работа и работни задачи, согласно мерките за заштита од ширење и превенција од коронавирус КОВИД – 19, неискористениот дел од ланскиот годишен одмор им се смета за искористен.

Од обврската да се искористи остатокот од ланскиот одмор се исклучуваат вработените во јавниот сектор кои се на првата борбена линија со коронавирусот. Тие остатокот на ланскиот одмор и двете недели од одморот во 2020 година ќе треба да го искористат до крајот на 2020 година.

„За работниците во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана – Армијата јавните здравствени установи, царинските службеници, единиците за противпожарна територијална заштита, во инспекциските служби, како и лицата што работат во старечките домови, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година и делот од годишниот одмор за 2020 година, кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 31 декември 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице во Министерството“, соопшти владата.

За разлика од јавниот сектор во приватниот сектор, според претходната уредба на владата утврдено е вработените остатокот од одморот од 2019 година да го искористат заклучно со 31 мај, додека пак две недели од одморот за 2020 година ќе треба да искористат до крајот на јуни.

Овие одредби, како што појаснија од владата, важат само за компаниите и за работниците што се опфатени од времените мерки на владата – работниците кои имаат мали деца до 10 години, оние што имаат хронични болести, или, пак, имаат забрана или немаат можност да ја вршат својата дејност. Тоа значи дека ќе важи и завработените во компаниите кои се во најпогодените економски сектори – туризам, угостителство, транспорт.