Дојава за поставена бомба во Обвинителството на Бугарија

Дојавата за бомба ги затвори сите згради во главниот град на Бугарија во кои се наоѓа обвинителството, јавија софиски медиуми. Утрово околу осум часот по локално време на мејлот на Јавното обвинителство на Бугарија е испратена порака во која се тврди дека има бомба во обвинителството.

Поради тоа беше неопходно затворање на Судската палата, во која заедно со судот се сместени и раководството на државното обвинителство и градското обвинителство на Софија. Во моментот полицијата врши проверки.

Се проверува и зградата на Окружниот суд во Софија каде што се наоѓа Окружното обвинителство на Софија, како и други простории на државното обвинителство.

Бугарската полиција вчера вршеше проверки откако доби дојава за поставена бомба на Софискиот аеродром.