До каде оди лежерноста на македонската политика – Петте барања на Бугарија

Само две недели по гостувањето во Пела-Нет Битола, каде за прв пат ги споменавме Обединетите Нации и нивната улога во однос на измислениот спор со Бугарија по однос на јазикот „Македонски“, се забележува Барањето на Република Бугарија за постапување на Република Македонија пред Обединетите Нации и тоа на основа Повелбата на Обединетите Нации.

Најверојатно лошо им го превеле произнесувањето пред Пела-Нет Битола, што само претставува уште една потврда дека не станува збор за исти јазици.

Нејсе, чувствувам за обврска да дадам свои видувања за ваквите Барања на Бугарија.

1. Македонија да испрати допис до Обединетите нации дека кратенката „Северна Македонија“ се однесува само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“.

Образложение

Во Обединетите Нации Македонија е запишана како „Република Северна Македонија“.

Краткиот назив на државата е „Северна Македонија“.

Со тоа, до тој степен оди омаловажувањето на Бугарската политика што поднесува барања самите да го оспоруваме сопствениот идентитет, без никаква реакција, без никаква протестна нота од страна на Македонската страна.

Вака поставено барање не само што е неразумно, но истото не може ниту да предизвика никаква реакција од телата на Обединетите Нации кон вака поставено небулозно барање, сето тоа од причина што политичкиот субјект со кратенка „Северна Македонија“ е впишана во графата за скратено име на државата, па аналогно на тоа се однесува на државата Македонија.

2. Македонија да ги повлече своите малцински побарувања кон Бугарија потврдувајки дека нема историски, етнички и други основи за барање статус на малцинство на територијата на Република Бугарија.

Образложение

Вакво нешто не само што е спорно, но истовремено е и несватливо во услови кога Европската Комисија ја задолжи Република Бугарија да го признае Македонското малцинство и да ги регистрира Македонските политички партии во Бугарија како еднакви со останатите политички партии.

Ова претставува неконтролирано кршење на сопствената гранка на која стои сегашниот Македонски политичар, затоа што истото е во спротивност со Повелбата на Обединетите Нации, која преку Преамбулата на истата, во делот „Цели на Обединегтите Нации“ под т. 2 се предвидува „Развивање помеѓу нациите пријателски односи засновани на почитување на начелата на рамноправност и самоопределување на народите…“.

Спротивно на изнесеното е и спорниот став на Македонската политика, дека во Уставот на Македонија ќе бидат забележани и помалку бројните жители кои живеат на територијата на Македонија, недвосмислено споменувајки ги Бугарите.

Со тоа, македонската политика без воопшто да размислува за меѓународно признатиот институт реципроцитет, спротивно на тоа, се изразува спремноста да се отвара Уставот за признавање на малцински групи во Македонија, групи чија матична држава целосно го негира македонскиот идентитет.

3. Македонија да почне процес на рехабилитација на жртвите на Југословенскиот комунизам, репресирани на нејзината територија поради нивната бугарска самосвест.

Образложение

Ваквото барање не само што е неодржливо, но со прифаќање на ваквото барање, истото би претставувало искривување на светската историја, од причина што истото, како поим, би значело враќање некому нешто што му припаѓало, а бил лишен од таквите одземања.

Светската историја е јасна во делот на окупацијата од една и антифачистишката борба од друга страна.

Светската историја е јасна дека тогашната Југославија водеше антифашистичка борба, со редица примери на окупаторски елементи од страна на тогашната власт на Бугарија, со ниту еден пример за одземени права на Бугарите или на оние кои се чувствувале како Бугари.

Од тие причини ваков процес не ни може да се отпочне.

Впрочем, и самата Повелба на Обединетите Нации предвидува дека „Изразот /непријателска држава/ се применува на секоја држава која во текот на Втората Светска војна била непријател на било која потписничка на оваа Повелба“.

Ставот на тогашната Бугарска страна во корелација со Хитлеровата Германија е историски факт и чин и истиот не може да го промени Република Македонија па ниту со отпочнување на неоснована рехабилитација.

4. Македонија да ја прилагоди со Бугарија содржината на наставните програми со цел објективно да ја рефлектира заедничката историја поставена во Преамбулата на Договорот за добрососедство.

Образложение

Поставувањето на наставната програма, наречена „прилагодување со Бугарија“ би претставувало исклучиво субјективно поставување, а ни приближно објективно рефлектирање на заедничка историја, како што впрочем е поставено Барањето.

Имајки предвид дека се користи терминологијата од Преамбулата на Договорот за добрососедство, во делот на заедничката историја, истото претставува исклучиво непознавање на регулативите, како од билатералните спогодувања, така и од меѓународните стандарди.

Имено, а за целосно објаснување, Преамбулата на Договорот, содржи и одредби за:

– „Потврдувајќи го фундаменталното значење на Заедничката декларација од 22 февруари 1999 г. во односите меѓу двете држави“;

– „Почитувајќи ги принципите на Повелбата на Обединетите нации…„.

Во тој смисол, потсетувајки се на Заедничката декларација од 22 февруари 1999 г. во односите меѓу двете држави, во моменти додека Бугарија сеуште не беше членка на ЕУ, а на која се повијува Бугарија, двете држави ги имаат договорено следните елементи:

– „Поаѓаjќи од определбите на двете земjи за интегрирање во европските и евро-атлантските структури“ (ст. 5 од Преамбулата на Заедничката декларација);
– „Веруваjќи дека конструктивниот диjалог во сите области на билатералните односи, како и во однос на регионалните и меѓународните проблеми, ќе придонесе за натамошно унапредување на односите на двете земjи на рамноправна основа“ (ст. 6 од Преамбулата на Заедничката декларација);
– „Почитуваjќи ги принципите на Повелбата на ООН…“ (ст. 7 од Преамбулата на Заедничката декларација), па ниту една одредба ни приближно не упатува на никаква заедничка историја, но упатува на стремежите на Република Бугарија кон приклучување кон европските и евро-атланските структури.

Од друга страна, досегашните наставни програми во Република Македонија беа поставени на основа признатата свестка историја, без никакви забелешки од страна на релевантни домашни и меѓународни институции воспоставени за согледување и контролирање на наставни програми.

5. Отстранување на знаците и натписите кои влеваат омраза кон Бугарија и Бугарите.

Во целост се согласувам со ова Барање и прв ќе пристапам кон бришење на вакви знаци и написи, само да не станува збор за историски споменици или историски плочи кои даваат објаснувања за нешто што се случило во даден момент на утврдено место.

Од изнесеното, се поставува прашање што се промени. Одговорот е дека се промени Влада во Република Македонија која е во насока да ги удоволи сите барања од само нејзе познати цели, но кои ни приближно не се цели ниту на граѓаните на Република Македонија, ниту се цели на интересите на Република Македонија.

Од тие причини, а имајки предвид дека со ваквите Барања се повикува во дел и на Повелбата на Обединетите Нации, ја поттикнувам Владата на Република Македонија, да ја охрабри Владата на Република Бугарија, сите презентирани точки од Барањето да ги достави до Генералниот секретар на Обединетите Нации и до Советот за безбедност при Обединетите Нации, како тело кое одлучува и дава препораки за решавање на политички прашања помеѓу државите.

Одговорот ми е многу познат, но би сакал да имам можност да ги видам изразите на лицата на оние кои би ги поднеле ваквите Барања до Обединетите Нации.

Во спротивно, доколку Владата на Република Бугарија не се охрабри ваквите Барања да ги достави до Обединетите Нации, Владата на Република Македонија треба тоа да го стори во наредниот момент после рокот што ќе и го зададе на Бугарија.

Тоа треба да го стори токму на она на што се повикува Република Бугарија, на основа одредбите од Повелбата на Обединетите Нации, со посебни образложени Барања од страна на Македонската страна за превземање на соодветни мерки од страна на Советот за Безбедност при Обединетите Нации, а кои мерки одат во правец на превземање економски мерки и поставување на економски блокади кон Република Бугарија поради неразумните Барања и неразумните цели со кои се кочат преговорите на Република Македонија кон меѓународните инстисуции, а кои мерки ги утврдува токму Повелбата на Обединетите Нации.

Така се чува идентитет на држава и на сопствени граѓани, конечно дојдоа на ред Обединетите Нации.

Токму во тој правец е и насловот на колумната, а поттикнат од песна од 90-тите години – „Куд плови овај брод… брод без капетана…“.

Автор: адвокат Стојанче Геровски, магистер по меѓународна политика, за НетПрес

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.