До кога македонското образование ќе биде без визија?

Повеќе години пишував и пишувам за македонското високо образование за состојбите и потребите за квалитет на високото образование. Па, така и ја напишав мојата книга „Состојбите и потребите за квалитет на високото образование во Република Македонија“, која е објавена во 2015 година. Повод да се огласам и да ја напишам книгата беа моите согледувања, состојбите, предизвиците и потребите за квалитетот во високото образование, со случувањата кои се појавија за потребите за измени и дополнувања на Законот за високо образование (Сл.весник на Република Македонија бр,35/2008… 130/14,10/2015… 127/2016), каде што во тој период се појавија „разни експерти“ по прашањето за високото образование. Се појавија студентски и професорски пленуми од една страна ЗА односно ПРОТИВ воведување на Државен испит по втората академска година, за промени на законот веднаш и други за аналитичен приод за донесуавање на овој Закон. Но, и едните и другите беа на став и мислење дека е неминовна потребата за квалитетно високо образование. Согледувајќи ги потребите Владата на Република Македонија, донесе (по мене) правилен став предлогот – воведување на државен испит за студентите да се пролонгира и да се донесе нов Закон за високо образование (ЗВО), односно да се пролонгира за една година и да се седне на заедничка маса и да се расправа од сите заинтересирани страни, како од страна на преставници на студентскиот и професорскиот пленум, преставници на Универзитетот и од страна преставници на МОН.

Како професор, училишен педагог, директор и човек со повеќегодишно работно искуство во Министерството за образование на наука, имав можност да бидам учесник во едукациските процеси со учениците, студентите, наставниците, посредник во пратење и следење на едукациските процеси, како училишен педагог и директор на едукациските институции, што ми овозможи да ја согледам теоријата, практиката и ефектите од едукациските  процеси. Подоцна и како потсекретар, инспектор во државниот просветен инспекторат имав и имам можност да го согледам третманот и поставеноста на потсистемите на образованието, преку нормативно-правната регулатива за подобноста, функцијата, исправноста и ефектите на образованието.

Па така, пишувајќи ја книгата ги дадов моите согледувања и потребите за квалитет на високото образование во Република Македонија, а тоа е потребата од нов Закон за високо образование (ЗВО), од причина што истиот имаше претрпено повеќе од 14 измени и дополнувања, во него имаше состојби недефинирани и потреба од конкретизирање, менување, преиспитување, каде што имаше правно-нормативно регулираност во законот, а практично нефункционирање, како и доста практични нелогичности во законот.

Ќе истакнам некои суштествени потребни промени кои се неминовна потреба на Законот и тoa:

  • Конкретно да се дефинира што значи автономија на универзитетот и академска слобода, што значи партиципација на студентите во управувањето и одлучувањето со посебен осврт на наставата, наставно-истражувачката работа, творењето и слично.
  • Во делот на обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, нормативно-правно законски постои Одбор за акредитација и евалуација на високото образование. Во практиката функционира само Одборот за акредитација, но не функционира евалуација кој е взаемно тело. Нелогичност. Тоа значи во новиот закон треба да се одвојат како посебни тела-Одбори независни за акредитација и евалуација. Нефунционирањето на ЕВАЛУАЦИЈАТА значи немање проценка, вреднување, односно нормативно согласно Законот оценувањето на квалитетот на високото образование, кој е еден од главните сегменти, каде ни оди високото образование и во кој правец, а стремеж е да се оди кон современо, квалитетно високо образование на Балканот, Европа и светот.
  • Во Законот за високо образование (Сл.весник на Република Македонија бр,35/2008….130/14,10/2015…127/2016) Националниот совет за високо образование во Република Македонија, кој е предвиден-не се формира и не профункционира. Овој Национален совет требаше да биде стручно и независно советодавно тело на Владата на Република Македонија. Неминовна беше потребата ако сака Република Македонија да се вклучи во чекор со современите тенденции во развој на научно-истражувачката дејност и информатичко-технолошките процеси, час поскоро, требаше да се формира и профункционира, за политиките на науката и развојот на севкупната научно-истражувачка дејност и технолошки развој во Република Македонија.

Која е обврската и значењето на Националниот совет за високо образование?

Значењето на националниот совет за високо образование ќе ја имаше обврската за редовна контрола на исполнување или неисполнување на условите за акредитација на сите студиски програми како на јавните, исто така, и на приватните високообразовни установи, како и преиспитување на решенијата за акредитација во случај на нивно неисполнување, (такви примери има во практиката).

Согласно, ЗВО нормативно-правно беше предвиден да се формира Национален совет кој требаше да биде составен од 17 члена и тоа од: Министерот надлежен за работите од областа на високото образование, претседателот на МАНУ, преставник од ректорската конференција, шест члена именувани од Владата на Република Македонија, по еден преставник од шестте научни подрачја од редот на наставно-научниот и истражувачкиот кадар од Интеруниверзитетската конференција и двајца преставници од деловната заедница. Шестте члена именувани од Владата на Република Македонија, како и преставниците од деловната заедница кои мора да бидат лица доктори на науки, со минимум еден степен образование завршен на првите 500 рангирани универзитети, согласно со Шангајската листа, односно првите 200 најдобро рангирани универзитети од соодветното научно подрачје, односно првите 100 најдобро рангирани универзитети по МБА програма, согласно Шангајскиот Џио Тонг универзитет, US News and Report I Timess Nigher Edukation Supplement-Wortd Uiverity Rankging,како и минимум 5 години работно искуство и одлично познавање на англиски јазик.

Надлежноста на Националниот совет, би бил, давање насоки на Владата на Националната програма за високо образование и научно истражувачката дејност, научно истражување, управување со научната политика, воведување прописи од областа на научно-истражувачката дејност, приоритетни области и програми за научно истражување и технолошки развој, најзначајни програми и проекти за развој на Република Македонија, изведување на внатрешна и надворешна евалуација на научно истражувачката дејност, реализирање на меѓународна соработка… и слично. Неговиот легитимитет ќе мора да се потврди со нејзино зачленување во Европскиот регистер за оценка на квалитетот во високото образование, што го основа групата E4-European Qvality Assuarence  Register for Higher Education (EQAR).

Донесување и функционирање на Националната програма за научно-истражувачка дејност на Република Македонија, е од приоритетно значење од причина што има меѓународна димензија поврзана со стопанството, развој на високото образование и размена на искуства со другите високообразовни установи ширум светот во насока на исполнување на препораките од болоњскиот процес. Националната програма е основа за насочување и утврдување на обемот на средствата од Буџетот на Република Македонија за вршење на научно- истражувачка дејност…

Втор дел од книгата „Состојбите и потребите за квалитет на високото образование во Република Македонија“ 2018 година

Во првиот дел од мојата книшка за состојбите и потребите за квалитет на високото образование во Република Македонија, отворено проговорив дека неминовна е потребата од нов Закон за високо образование, од проста причина што истиот претрпи повеќе измени и дополнувања во него имаше како што наведов состојби недефинирани и потреба од конкретизирање, менување, преиспитување, каде што има правно-нормативно регулираност во законот, а практично нефункционирање, како и доста практични нелогичности во тој  закон. А тие промени се  неминовна потреба. Па, се донесе:

Новиот Закон за високо образование

Со донесениот нов Закон за високо образование (Сл.весник на РМ.бр 82/2018) на 8.05.2018 година, од страна на Министерството за образование и наука, (истиот е во законска сила) истиот не само што не е развоен, туку полош од претходниот закон. Во новиот закон се повторуваат работите (од предходниот закон кој не профункционираа) во делот на автономијата на универзитетот, универзитетите немаат финансиска автономност, Квалитетот за високото образование-Одборот за акредитација и Одборот за евалуација. Националниот совет за високо образование и научно-истражувачката дејност, во делот на финансирањето на високото образование, зависи од Буџетот на Владата на Република Македонија и слично.

Со новиот закон се согледаа многу забелешки на стручната и академската фела во некои членови од Законот за високо образование (ЗВО), па така, во член 161 став 1 и став 4, лице избрано во научно звање може да врши високообразовна дејност на студии од втор и трет циклус. Ова создава проблем на високо образовната установа каде има повеќе лица избрани во научни звања, и истите не можат да бидат ангажирани во реализација на наставата од прв циклус. Каква нелогичност! Потоа во членот 166 од ЗВО, услови за избор во наставно-научни звања, критериумите се намалени за избор што се под европски стандарди и потреби за наставно-научно звање и негово унапредување, а во точка 1 од членот 166 предвидено е во Законот, лицето да има остварено просечен успех од најмалку 8 на студии од прв и втор циклус.

Кај регулираните професии со остварени 300 кредити од прв циклус кандидатите имаат право на упис на докторски студии. Иако немаат завршено втор циклус на студии, а имаат диплома за докторски науки. Овие лица не исполнуваат услов за избор во звање согласно одредбите на законот. Членот 172 е во колизија со член 176 од законот, не е јасно кој го распишува Конкурсот за избор во звање, дали Наставно-научниот совет (ННС) или деканот. Треба да се примени толкување (би требало за прв пат, односно за избор во доцент да биде  ННС, а потоа по службена должност деканот на факултетот).

 Ако во предходниот ЗВО имаше предвремен избор во наставно-научно звање, во новиот закон нема таква одредба во делот на предвремен избор во наставно-научно звање, за наставници кои се истакнуваат, се докажуваат со наставни-научни и меѓународни трудови во списанија со импакт фактор, што ги става во нерамноправна положба со оној наставен и научен кадар кој ги чека само роковите по законот да бидат унапредени во повисоко наставно-научно звање. Исто така, во новиот закон исфрлена е одредбата да се има во предвид мислењето и позитивната оценка од самоевалуацијата на студентот за избор во наставно-научно звање во доцент, вонреден професор, редовен професор. Кое мислење ќе биде од пресудно значење за избор. Самиот овој факт, што се исфрлени студентите да го дадат своето мислење при изборот во наставно-научно звање на професорот, го прави овој закон студентот да биде само нем посматрач (објект), а не субјект (во делот Права и обврски на студентот) каде што има право на изјаснување за квалитетот на наставата и наставниците, што се коси со член 27 став 1 точка 3 од ЗВО.

Многу прашања: Дали одговорните имаат визија за високото образование?

Во повеќе наврати пишував и ги прашував поставените поранешни министри, како и за сегашнава актуелна министерка за образование и наука, Весна Јаневска. Што правите „министри“? Каде на светските ранг листи се наоѓаат нашите македонски универзитети? За жал, академските рангирања на светските универзитети покажуваат дека нашите македонски универзитети се наоѓаат на маргините за квалитет и евалуација. А, од страна на надлежните македонски институции молк. Кога планирате да посетите еден приватен или државен универзитет во Македонија, и да видите како се применува Законот за високо образование? Законот за научноистражувачката дејност? Како работи и делува Агенцијата за квалитет на високото образование, нивните одбори, донесен со новиот ЗВО (Сл.весник на РМ.бр 82/2018) на 8.05.2018 година.Теоретски  убаво срочено во ЗВО. Исто како  што е убаво срочен и законскиот рок за формирање на оваа Агенција (една година од стапувањето во сила на новиот ЗВО од 2018 година) рок кој длабоко го прегазија надлежните (16.01.2020г.) кои возбудено и со фанфари ја најавуваат новата зора во високото образование во нашата земја… За ова види повеќе…

Види повеќе: Царовска, Рушити, Камбовски, Митревска се соучесници во образовниот криминал во високото образование

Види повеќе: Надворешната евалуација на високообразовните институции во Македонија

Со актуелниот Закон за високо образование (ЗВО) на 8.05.2018 година, се формира Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност (Националниот совет) заради обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научно-истражувачката дејност во Република Македонија. Националниот совет е самостоен во својата работа и одлучува во рамките на својата надлежност врз основа на принципот на стручност и компетентност. (види повеќе во ЗВО,чл,41,42,43и44) Националиот совет се формира и започна со работа на 10.06.2021 година (со закаснување од некаде три години, од донесениот ЗВО) ова доволно говори за „сериозноста“ на надлежните за образованието, науката… Националниот совет е составен од 15 члена кои ги избира Собранието на Република Македонија и тоа: шест членови од професорите во работен однос на универзитетите во Република Македонија кои се избираат на предлог на Интеруниверзитетската конференција секој од нив е од различно научно-истражувачко поле од прво ниво, според Меѓународната фраскатиева класификација (природно-математички науки, техничко-технолошки науки, медицински науки и здравство, земјоделски и ветеринарни науки, општествени науки и хуманистички науки), шест членови од професорите во работен однос на универзитетите во Република Македонија кои се избираат на предлог на Владата на Република Македонија, еден член на предлог на МАНУ, еден член од деловната заедница и еден член  од редот на студентите на предлог на Интеруниверзитетската конференција, за претседател на Националниот совет е избран професор д-р Тодор Серафимовски од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, во мандат од две (2) години, а сега со Националниот совет раководи како претседател професор д-р Гордана Лажетиќ од Правниот факултет при УКИМ-Скопје.

Јавна расправа на Националниот совет

Деновиве, Националниот совет за високо образование, односно на 26.09.2024 година, одржа јавна расправа (со преставници од академската фела на универзитетите) и се предложија и разгледаа Предлозите-Национална програма за високо образование и Национална програма за научно-истражувачка дејност (НИД). (Види повеќе на страната на Националниот совет за високо образование и научно -истражувачка дејност)

Што констатирам од Предлог на Националните програми – некои сегменти

Читајќи ја подготвената Предлог-Национална програма за високо образование, се констатира дека:

  • Имплементацијата на „Стратегијата за образование 2018-2025 година“, е оценета како бавна, се констатира и дека нема соодветен развоен систем за мониторинг на остварување на стратешките определби.
  • Мрежата на Високообразовни установи, заклучно со 1.06.2024 година, ја сочинуваат вкупно 32 установи и тоа: 6 државни универзитети, 1 приватно-јавен универзитет и 25 приватни универзитети и високи стручни школи.
  • Агенцијата за квалитет на високото образование (АКВО), во Централниот регистер е регистриран на 16.01.2020 година. АКВО е придружна членка на Европското здружение на квалитет во високото образование (ENQA). Во рамките на АКВО функционираат Одборот за акредитација и Одборот за евалуација.
  • Се констатира дека наставните програми не се соодветно прилагодени за дипломираните студенти да стекнат потребни вештини за да одговараат на пазарот на побарувачи на работна сила.
  • Во 2022 година, јавната потрошувачка за образованието и обуки изнесувала 3,7% од БДП, што е приближно на просекот на државата од предходните 5 години, но и под нивото на ЕУ (5%).
  • Во услови на ваква безмислена конкуренција во земја со толку мала популација, сосема е очекувано да дојде до драстичен пад на квалитетот на високото образование за кои сите сведочиме, без особена потреба од експертска анализа за докажување на оваа теза.
  • Состојбата во високото образование, според статистичкиот однос на Државниот завод за статистика за бројот на наставници и соработници во  државните високообразовни установи, во академската 2023/2024, изнесува 4656. Од вкупниот број наставници и соработници, 3264 или 70,1% се наставници и 1392, односно 29,9 се соработници.
  • Бројот на запишани студенти на државните и на приватните високообразовни установи од 2008/09 г. се 63.437 студенти, додека во 2023/24 г. се  52316 или помалце запишани студенти 11 119. Што може да се констатира, дека во 2023/24, се запишани вкупно 52316 студенти, што преставува за 2,8% помалце во однос на академската 2022/23, кога се запишале 53.821 студент. Најголем број студенти (77,9%) се запишале на државните високообразовни установи, додека 22,1% се запишале на приватните високообразовни установи. Бројот на запишани студенти е 30704 или 58,7%. На прва година на студии во академската 2023/24, се запишани 15.330 студенти или 29,3% (опфатени се студенти што запишуваат прва година по втор, трет и повеќе пати).
  • Статистичките показатели од ДЗС на вкупниот број на ученици во основните училишта биле во 2009/10, 210.381 ученици, додека во 2023/24 се 182.124 ученици, односно разликата е 28.257 помалце ученици. Додека вкупниот број на ученици во средното во 2009/10 биле 95.343 ученици, додека во 2023/24, се 67.278 ученици, односно разликата е 28.065 помалце ученици. Може да се констатира дека, податоците се поразителни и покажуваат дека Република Македонија, помалку од половина од учениците од средно образование продолжувваат во високо образование и споредено со државите во регионот Република Македонија е на самото дно.

Од Предлог-Националната за научно-истражувачка дејност (НИД) што констатирам дека:

  • Состојбите во НИД во нашата држава е особено загрижувачка во однос на научно-истражувачка подрачја од буџетските средства, научно-истражувачката инфраструкура, како и во однос на кадровски ресурси посветено на науката и истражувањето.
  • Мрежата на јавни и приватни научни установи ја сочинуваат 6 државни универзитети, 9 јавни научни установи, 11 приватни универзитети, 7 високи стручни школи, 3 странски високообразовни установи, 26 приватни научни установи и 6 самостојни истражувачи.
  • Буџетот за наука во 2022 и 2023 г. е значително зголемен во споредба со 2021г. (на приближно 3,5 милиони евра од 1,3 милиони евра). Сепак, инвестирањето во истражувањето и иновациите и понатаму остануваат ниски, со 0,38% од БДП, додека учеството на приватниот сектор во целокупното истражување е уште помало и изнесува 0,1% од БДП…
  • Загрижува што според Европската Унија во Република Македонија не се забележува напредок во однос на Европската повелба за истражување… Согледбата дека постои недоволна грижа за состојбите во НИД е поизразена и понагласена во споредба со високото образование затоа што аргументирано може да се одбранат тезите дека НИД е во голема мера запоставена, законски е несоодветно регулирано, постои неусогласеност на ЗВО и ЗНИД. Државата не покажува елементарна подготвеност да се пристапи сериозно кон развојот на НИД и таа не се сфаќа како предуслов за унапредување на науката, како апликатива на научните достигнувања, ниту како подадена рака кон економијата и потребите на пазарот на трудот и на неа не се гледа како можност за симбиоза помеѓу студиските програми, научно-истражувачките проекти и потребите на индустријата и стопанството.
  • Ако се погледне „Стратегијата за образование 2018-2025 година“ на МОН, во која не е предвидена никаква обврска на државата во однос на вложувањето во науката, што укажува дека креаторите на образовните политики треба да разберат разберат дека високото образование и научната работа се целосно нераздвојни и се само два аспекта на еден ист феномен. Реформите на научно-истражувачката дејност и високото образование се всушност еден ист процес.

На пример, според бројот на научни трудови објавени во списанија индексирани во базата СКОПУС, Македонија се наоѓа на самото дно, дури и во споредба со земјите од регионот како што се Србија, Хрватска, Словенија и Бугарија… Состојбата со нивото на развој на научно- истражувачка дејност може да се мери и според рангирањето на универзитетите во Македонија на светските ранг листи (Рангирање на светските универзитети за рангирање на Times Higher Educstion, Академско рангирање на светските универзитети на Шангајскиот универзитет Џао Тонг (познат како Шангајска листа), Webometriics, umi Rang).

Отука, според  светската интелектуалната мисла под поимот квалитет на високото образование всушност се подразбира квалитет на научно-истражувачка дејност.

Од напред наведеното како констатација и заклучок се потребни коренити реформи во високото образование и взаемност во сферата на научно-истражувачката дејност поради образовно-научната визија на Македонија.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес