До крајот на април во Србија ќе бидат вакцинирани 40 отсто од населението

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави во петокот дека до крајот на април 40 отсто од населението во земјата ќе биде вакцинирано барем со првата доза и најави дека повеќе од 660.000 вакцини ќе пристигнат до понеделник.

Во изјава за локални медиуми, таа додаде дека 57.600 дози вакцини „AstraZeneca“ од програмата Covax ќе пристигнат во Србија до петокот вечерта, додека во понеделник се очекува да пристигнат 106.470 дози вакцини „Pfiizer/BioNTech“ и половина милион вакцини „Sinopharm“.

„Долго чекавме за системот Covax. Добро е што се организиравме и сериозно размислувавме да имаме билатерални договори со производителите и да добиеме речиси 2,5 милиони вакцини“, рече Брнабиќ.

Според премиерката, 1.039.000 луѓе досега ги примиле двете дози на вакцина во Србија.

Брнабиќ рече дека Србија донирала 20.000 од првата доза на вакцината „СпутникV“ во Македонија и дека ќе испрати уште толку за втората доза.

Додаде дека вечерва ќе има состанок на Кризниот штаб на кој е можно да биде донесена одлука за „малку порелаксирани мерки“ и дека претседателот на државата Александар Вучиќ ќе се вакцинира во вторник со што ќе започне вториот круг на вакцинација.