До крајот на годината ќе се отворат 10 сервиси за жртви од родово насилство

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска го посети новиот Центар за жртви на семејно насилство во Велес.

„До крајот на годината ќе имаме вкупно 10 специјализирани сервиси за жртви од родово базирано насилство во 6 плански региони на територијата на РСМ, Скопје, Куманово, Тетово, Штип, Кавадарци, Битола Прилеп и овој во Велес. Наш приоритет е да обезбедиме заштита и поддршка за секоја жена и девојка. Паралелно работиме и на превенција, бидејќи наша крајна цел е трајно да ги искорениме овие појави од општеството“, истакна Царовска.

Владата го усвои Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската Конвенција за период 2018-2023. Во неговата изработка беа вклучени релевантни институции, граѓанскиот сектор, претставници од законодавниот дом и судии. Со цел усвојување на единствена правна рамка што ги уредува сите форми на родово базирано насилство се изготвува нов Предлог закон, кој ќе ги опфати сите форми на родово базирано насилство.

„За оваа година имавме издвоено двојно повеќе средства, односно 6 милиони и 400 илјади денари за имплементација на Конвенцијата и отворање на сервиси за поддршка на жртви од родово базирано насилство. До крајот на годината е предвидено отворање на кризни центри за жртви на семејно насилство во Прилеп и Штип. Во моментот во скопскиот регион има воспоставено СОС линија, кризен центар за 24-48 часа сместување, долгорочно сместување до 6 месеци во шелтер центар, психо-социјална поддршка во прв семеен центар за жртви сторители и деца и правно зајакнување“, рече Царовска.