До крајот на годината од „Фајзер-БиоНТек“ треба да добиеме 800.280 дози вакцини

Министерството за здравство ja информира јавноста дека компанијата „Фајзер-БиоНТек“, производител на вакцини против ковид-19, денеска до Министерството за здравство, го испрати договорот за купување вакцини. Компанијата во договорот ги соопшти деталите за испорака на вакцините во текот на цела 2021 година.

– Производителот „Фајзер-БиоНТек“ во 2021 година на Република Северна Македонија ќе и испорача 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во 4 квартали, а првата достава ќе се случи во месец март. Во договорот е наведено дека компанијата „Фајзер-Бионтек“ овој месец во нашата земја ќе испорача 21.060 дози вакцини – се вели во соопштението од МЗ.

Оттаму додаваат дека вакцините на производителот „Фајзер-БиоНТек“ се спакувани во повеќедозажни вијали, од една вијала се вадат 6 дози вакцини. Вакцината се чува и дистрибуира на -70 степени, во обичен фрижидер од 2 до 8 степени може да стои 5 дена, а растворена да се чува 6 часа.

– Нашиот здравствен систем е целосно подготвен за прием и спроведување на вакцинација. Со вакцината на производителот „Фајзер-БиоНТек“, веќе неколку недели се врши имунизација на здравствените работници кои се во првата приоритетна група за вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација – велат од министерството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.